Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп разгледува план со кој би се казниле одредени членки на НАТО за кои се проценува дека не им дале доволна поддршка на САД и Израел за време на конфликтот со Иран, пишува „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на извори во администрацијата.
Според „Волстрит џурнал“, се разгледува можноста за преместување на американски војници од земјите-членки кои се сметаат за недоволно вклучени во воените напори во земји кои дале поголема поддршка на американската воена операција.
Според достапните информации, ова е ран предлог кој сè уште е во фаза на развој и е едно од неколкуте сценарија што Белата куќа ги разгледува како одговор на однесувањето на сојузниците за време на конфликтот.
Соединетите Американски Држави моментално имаат околу 84.000 војници распоредени низ цела Европа, а потенцијални корисници на таквото прераспоредување, според американските претставници, би можеле да бидат Полска, Романија, Литванија и Грција.
Таквиот потег би можел значително да влијае на распоредувањето на американските сили во рамките на НАТО и дополнително да ги затегне односите меѓу сојузниците.
Според истиот текст, планот не вклучува повлекување на САД од НАТО, што Трамп претходно го спомена, бидејќи таков потег би барал одобрение од Конгресот според сегашниот закон.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, претходно изјави дека е „жало што НАТО му го сврте грбот на американскиот народ во последните шест недели“, истакнувајќи дека САД ја финансираат одбраната на сојузниците.












