Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека им забранува пристап до Белата куќа на „Си-ен-ен“ „Ем-ес нау“ и на „Политико“, поради она што го опиша како нивно неточно и погрешно известување за неговата администрација.
„Со гордост објавувам дека, со моментален ефект, им забранувам пристап до Белата куќа на следниве медиуми: ‘Лажни вести Си-ен-ен“’, ‘Ем-Ес Сега’ (кој неодамна го смени името од ’Ем-ес-ен-би-си’ поради недостиг на гледаност и кредибилитет!) и ’Политико’ (кој доби нелегален и апсурден договор од 8 милиони долари – апсолутен рекорд – директно од американската влада под водство на непоштениот Џо Бајден, само за да опстанат; тоа за мене изгледа како корупција!), а сето тоа поради нивното постојано ’известување’ за лажни вести!“, наведе Трамп на својата платформа за социјални медиуми, „Трут соушал“.
Тој додаде дека медиумите не треба постојано да пишуваат или известуваат измислици и лаги кога ја следат работата на американскиот претседател, администрацијата на Трамп или Соединетите Држави.
Трамп најави дека ќе следат забрани и за други медиуми кои, како што рече, „шират лажни вести“.
Трамп во објавата не прецизираше како ќе се спроведува забраната, пренесува „Асошиејтед прес (AP)“.
Одлуката означува нов спор меѓу администрацијата на Трамп и медиумите, покренувајќи прашања во врска со заштитата на слободата на печатот, загарантирана со Првиот амандман на Уставот на САД. Трамп и претходно го ограничувал пристапот за одредени медиуми.
Во февруари 2025 година, на новинарите на Асошиејтед прес им беше ускратен пристапот до Овалната соба, претседателскиот авион и одредени настани, откако AP одби да ја прифати одлуката на Трамп да го преименува Мексиканскиот Залив во „Американски Залив“. AP потоа покрена правна постапка, која сè уште е во тек.
Откако се врати во Белата куќа, Трамп презеде и правни дејствија против други медиумски организации, вклучувајќи ги „Њујорк тамјс“, „Вол стрит“ и „Би-би-си“.
Одлуката во врска со „Си-ен-ен“ привлекува посебно внимание, бидејќи ограничувањето на пристапот за оваа мрежа би можело да влијае врз традиционалниот систем на телевизиски новинарски екипи кои го придружуваат американскиот претседател и ги следат неговите активности, пренесува АП.












