Со црвен тепих долг 30 метри, почесна стража и специјално декорирана Бела куќа, американскиот претседател Доналд Трамп го пречека кинескиот претседател Шји Џинпинг, кој пристигна во тридневна посета на Вашингтон. Експертите очекуваат самата свеченост и спектаклот да бидат суштината на настанот. Коосновачот на „Азија груп“, Курт Кембел, рече дека всушност, станува збор за двајца геополитички моќници кои кружат еден околу друг на игралиште, обидувајќи се да го одредат својот следен потег
Со црвен тепих долг 30 метри, почесна стража и специјално декорираната Бела куќа, американскиот претседател Доналд Трамп го пречека кинескиот претседател Шји Џинпинг, кој пристигна во тридневна посета на Вашингтон и на Белата куќа по речиси една деценија. Оваа средба меѓу претседателите на двете најмоќни суперсили се случува во услови на зголемена загриженост околу вештачката интелигенција, која треба да биде главна тема на разговорите и нестабилното примирје во трговската војна, кое штотуку е продолжено до јануари. Но, за најжешко прашање во разговорите се смета Тајван.
По пристигнувањето во САД, кинескиот претседател Шји Џинпинг објави писмена изјава во која ги повика Пекинг и Вашингтон да се фокусираат на поттикнување соработка, без притоа да ги опишува сложените спорови што ги делат двете страни.
– Кина и САД треба да се приближат една кон друга, промовирајќи стабилни односи засновани на соработка, одржувајќи ја конкуренцијата во разумни рамки, управувајќи со поделбите и стремејќи се кон мир, рече Шји во изјавата објавена преку официјалните кинески медиуми.
Американските претседатели обично ги пречекуваат странските лидери во Белата куќа, но Трамп, заедно со сопругата Меланија, им приреди спектакуларен пречек на Шји и на неговата сопруга Пенг Лијуан на аеродромот во воздухопловната база „Ендрјуз“ во Мериленд. Двата претседателски пара се ракуваа и кратко се насмевнаа пред камерите, додека над нив летаа бомбардери Б1, чиј заглушувачки звук предизвика гримаси на лицето на Трамп, кои ги уловија камерите. По церемонијата на дочекот, во чија кореографија беа и топовски плотуни, американски и кинески знамиња и воен оркестар кој ги изведе химните на двете земји, Трамп го испрати Шји до неговиот автомобил, каде што разговараа уште неколку моменти. Кинескиот претседател се насмевна и кимна неколкупати. Домаќините потоа заминаа во Белата куќа со претседателскиот хеликоптер.
Но, како што очекуваат американските медиуми, самата свеченост и спектаклот ќе бидат суштината на настанот.
– Ова помалку личи на самит, а повеќе на спектакл… Всушност, станува збор за двајца геополитички моќници кои кружат еден околу друг на игралиште, обидувајќи се да го одредат својот следен потег, рече коосновачот на „Азија груп“, Курт Кембел.
И други експерти, исто така сугерираат дека церемонијалниот дел од состанокот, сепак, би можел да ги засени конкретните резултати од самитот. А зад кулисите на срдечноста при стапнувањето на Шји на американско тло стојат жешки теми. Кинескиот претседател бара САД да престанат со испораката на оружје за Тајван, вредно милијарди долари. За возврат, пишува „Ројтерс“, Кина би му понудила на Трамп соработка во врска со Техеран. САД не се задоволни од тоа Што Кина не го исполнила ветувањето дека ќе купува повеќе американски земјоделски производи, а контроверзно е и прашањето за кинескиот извоз на ретки земни елементи во САД, кои се најважните лостови на Кина во економското натпреварување со САД, бидејќи се клучни за производство на широк спектар на технолошки производи. Сепак, во разговорите се очекува да доминира вештачката интелигенција околу која двете земји водат технолошка трка. Не се очекуваат нови регулативи за неа, а една од можностите што се дискутира е воспоставување механизам преку кој двете суперсили би можеле да се предупредат една со друга за ситуации во кои развојот или употребата на напредни системи за вештачка интелигенција би можела да излезе од контрола. Има и една конкретна најава дека е можен заеднички јазик околу некои теми. Кратко по ракувањето на претседателите на пистата, министерот за финансии, Скот Бесент, изјави дека земјите се договориле да го продолжат едногодишниот трговски договор, кој требаше да истече во ноември.
Претставници на администрацијата на Трамп изјавија дека најважниот исход од оваа свечена програма е тоа што двете најголеми светски економии разговараат меѓусебно и ги одржуваат отворени каналите за комуникација.
– Без оглед на нашите несогласувања и разлики со кинеската влада, ова не е некоја мала земја. Ова е втората најголема економија во светот, со значителна воена моќ. Одговорно државничко однесување е нашите лидери да разговараат и да се среќаваат едни со други, изјави државниот секретар Марко Рубио.












