Американските власти објавија дека ќе ѝ вратат на Сирија 36 украдени антиквитети, меѓу кои и еден камен релјеф, прокриумчарен за време на уништувањето на античкиот локалитет Палмира од страна на ИСИС.
Властите ги запленија предметите – чија вредност надминува 5 милиони долари – од Метрополитен музејот на уметноста во Њујорк („Мет“) и од неколку колекционери на античка уметност.
„Церемониите за враќање на културните артефакти служат како силен потсетник дека зачувувањето на културното наследство ги надминува границите и националностите“, изјави окружниот обвинител на Менхетен, Алвин Браг.
Според соопштението за јавноста, камениот релјеф од Палмира бил однесен од локалитетот што е дел од светското културно наследство на УНЕСКО, пред милитантите на ИСИС да уништат голем дел од градот во периодот меѓу 2015 и 2017 година.
Скулптурата од варовник, тешка повеќе од 450 килограми, прикажува маж во лежечка положба, опкружен со жена и три деца.
Низ годините, САД имаат вратено ограбени антиквитети на неколку земји, вклучувајќи ги Кина, Грција и Италија.
Мохамад Канатри, сирискиот вршител на должност амбасадор во Вашингтон, изјави дека овој чин покажува како „заедничката посветеност кон заштитата на културното наследство може да изгради трајни мостови меѓу нашите две земји“.
„Благодарение на сириско-американската соработка и напорите на Канцеларијата на окружниот обвинител на Менхетен, дел од историјата на Сирија конечно се враќа дома“, рече тој во изјавата. Четири од тие антиквитети беа запленети од американскиот колекционер Мајкл Стајнхарт, кој во 2021 година врати околу 180 предмети украдени ширум светот, како дел од спогодба со американската влада. Тие предмети имаа вкупна вредност од 70 милиони долари.
Канцеларијата на окружниот обвинител на Менхетен соопшти дека 13-те предмети запленети од Метрополитен музејот биле дел од група од 402 антиквитети – со проценета вредност од 98,7 милиони долари – запленети од оваа културна институција од 2017 година наваму, пренесува АФП.












