Лидерите на 32-те членки на НАТО оваа недела се собираат во Анкара на еден од најважните самити во последните години, а во фокусот на разговорите ќе бидат сè погласните барања на Соединетите Американски Држави европските членки да преземат значително поголема одговорност за сопствената одбрана.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп порачува дека сака „порамноправен НАТО“, во кој Европа ќе биде носител на безбедноста на континентот, додека Вашингтон ќе се насочи повеќе кон други делови од светот.
Од враќањето на Трамп во Белата куќа, американската администрација повеќепати нагласи дека Европа мора да ја намали зависноста од американската воена заштита.
Пентагон веќе најави ревизија на распоредот на американските сили во Европа и намалување на дел од воените капацитети што САД му ги ставаат на располагање на НАТО, што предизвика загриженост кај европските сојузници.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека Вашингтон сака НАТО да стане сојуз во кој Европа ќе ја предводи одбраната на сопствениот континент.
Во исто време, претседателот Трамп во последните месеци повеќепати го доведе во прашање досегашниот начин на функционирање на Алијансата, сметајќи дека европските држави не издвојуваат доволно средства за одбрана и премногу се потпираат на американските воени капацитети.
И покрај тоа, според нацрт-завршната декларација од самитот, лидерите на НАТО повторно треба да ја потврдат цврстата посветеност на членот 5 од Вашингтонскиот договор, кој предвидува колективна одбрана во случај на напад врз која било земја-членка.
Војната во Украина и промената на американската политика ги поттикнаа европските членки забрзано да ги зголемат инвестициите во одбраната.
На минатогодишниот самит на НАТО беше договорено земјите-членки до 2035 година да издвојуваат пет проценти од бруто-домашниот производ за одбрана и безбедност, со што Европа постепено би презела поголем дел од финансискиот товар во рамките на Алијансата.
Сепак, експертите предупредуваат дека на Европа ќе ѝ бидат потребни години за да ги развие способностите што во моментов ги обезбедуваат Соединетите Американски Држави, како што се системите со долг дострел, стратешкиот транспорт, сателитската поддршка и нуклеарното одвраќање.
Иако САД и натаму имаат околу 80.000 војници распоредени низ Европа, меѓу европските дипломати расте уверувањето дека промената на американската улога нема да заврши со заминувањето на Трамп од власт, туку претставува долгорочен стратешки пресврт.
И покрај сè погласните повици за поголема европска самостојност, во НАТО засега никој сериозно не размислува за замена на Алијансата или за целосно повлекување на САД од европската безбедност.
Напротив, целта на самитот во Анкара е да се потврди концептот „посилна Европа во посилен НАТО“, со зачувување на силниот американски ангажман.
Во исто време, европските земји продолжуваат да бараат начини за подлабока безбедносна соработка со Украина, иако нејзиното членство во НАТО и понатаму останува недостижно поради противењето на дел од сојузниците и продолжувањето на конфликтот со Русија, наведува „Киев Пост“.












