Кога невозможно станува возможно! Атрактивната македонска пејачка (и кантавторка) Луна, официјално започнува со своето најважно музичко поглавје во кариерата. Со објавувањето на првата песна „Ритуали“ и истоимениот видеоспот, таа го најави својот прв студиски албум „Атлас“, кој содржи, верувале или не, 15 песни. Албумот претставува најобемен и најамбициозен проект на новонадежната пејачка. Иако зад себе има веќе неколку музички изданија, „Атлас“ е првиот проект со кој Луна целосно го заокружува својот музички идентитет.
Албумот е создаден во соработка со продуцентот Лазар Цветкоски и претставува резултат на нивната заедничка работа во изминатиот период. -Искрено сум превозбудена што конечно ја споделувам музиката на која работев подолго време. На албумот „Атлас“ има 15 песни, а секоја композиција е различна, има своја приказна, со својата емоција. Посебно е чувството бидејќи сум автор на тие песни. Воедно имав чест да соработувам со имињата од нашата естрада кои неизмерно ги почитувам, како што се Лозано, Пајак, Антониа Гиговска и Александра Јанева, вели Луна.
Во периодот што следува ќе слушате многу моја музика и искрено се надевам дека ќе ви се допаднат песните. Ви благодарам за поддршката, а секако им благодарам и на медиумите кои ги форсираат новите музички сили, вели расположената Луна. „Ритуали“ е првата песна од албумот, а веќе е достапна на сите дигитални музички платформи и социјални мрежи. Паралелно со песната е објавен и видеоспотот, во режија на Steady Flow, кој носи модерен визуелен впечаток.
Згодната Луна во спотот се појавува во неколку впечатливи изданија. „Атлас“ не е замислен како албум што ќе биде објавен одеднаш. Напротив, во летниот период кој следува Луна постепено ќе ги промовира и останатите 14 песни, секоја со својата тежина и препознатлив печат. На тој начин, публиката ќе има можност чекор по чекор да се запознае со целиот албум. Со овој проект, Луна најавува ново поглавје во својата кариера. „Атлас“ е проект во кој се вложени многу време, работа, желба, емоции и финансии.
(Д.М.) фото:архива












