понеделник, октомври 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА „Иднината градете ја во Македонија“ – порака со која Универзитетот ги испрати...

„Иднината градете ја во Македонија“ – порака со која Универзитетот ги испрати дипломираните и ги пречека бруцошите

1

Со свечена церемонија, Европски универзитет – Скопје го одбележа почетокот на новата академска година. На свеченоста, дипломираните и магистрираните студенти ги добија своите дипломи, додека на новите бруцоши традиционално им беа доделени првите индекси. Со тоа, уште една генерација студенти го почна, односно го заокружи својот академски пат во институција што повеќе од две децении ги негува и развива високите стандарди во високото образование. Темелите на Европски универзитет ги постави неговиот основоположник и визионер, проф. д-р Бојо Андрески, чии визија, мисија и аманет и денес претставуваат обврска и мотив за продолжување на патот на успехот.

Од Универзитетот посочуваат дека, и покрај предизвиците, стремежот останува ист: со знаење, храброст и со посветеност да се освојуваат нови хоризонти.

– Сите вие што го избравте Европски универзитет станавте дел од нашето големо семејство. Заедно со вас ќе го градиме патот на успехот, со знаење и со храброст – беше порачано на свеченоста.

На дипломираните и на магистрираните студенти им беше честитан успешно завршениот академски пат, со желба за нови професионални успеси, додека на бруцошите им беше посакан успешен почеток на нивното високообразовно патување.

Европски универзитет, како што беше истакнато, останува „отворена книга“ што постојано се допишува – во интерес на знаењето, мудроста и на искуството.

Ректорката на Европски универзитет во Скопје, проф. д-р Биљана Андреска-Богдановска, им посака добредојде и успешен почеток на новите студенти.

– Денешниов ден претставува огромна радост, среќа и гордост за сите нас. На едно место успеавме да ве собереме вас – дипломираните и магистрираните студенти, заедно со новите кандидати, кои од денес и официјално стануваат наши студенти – истакна проф. д-р Биљана Андреска-Богдановска.

Ректорката потенцираше дека настанот симболично се совпаѓа со Светскиот ден на учителите, при што упати јавна благодарност до професорите за нивниот труд и за нивниот придонес во обликувањето на идните генерации.

Обраќајќи им се на бруцошите, таа ја објасни вредноста на нивниот избор.

– Ве уверувам дека вашата одлука да го изберете првиот приватен универзитет, Европски универзитет, е вистинска одлука. Вашето студирање ќе се одвива во најмодерни и современи услови, со примена на практична настава речиси од сите области и со отворени можности за меѓународно искуство, преку активно учество во Еразмус програмата. Нашите дипломи не само што се признати во државата туку се признати низ целиот свет, со едноставни постапки на нострификација – истакна таа.

Во продолжение на својот говор, проф. д-р Андреска-Богдановска испрати порака за значењето на знаењето во современото општество.

– Драги студенти, би сакала да ви порачам дека знаењето е сила, знаењето е моќ. Тоа е нешто што се стекнува со посветена и вредна работа и со мотивираност. Знам дека живееме во едно време во кое дигитализацијата нè обзема сите, но, сепак, ништо не може да го замени она што ќе го научите и совладате вие – порача ректорката.

Таа нагласи дека токму знаењето е основа за професионален развој и за успешна кариера, повикувајќи ги младите да ја градат својата иднина во земјава.

– На нашето општество му требаат млади и образовани луѓе како што сте вие. Ви порачувам на сите да не сонувате да заминете во странство и таму да ја градите вашата иднина, туку да успеете да ги најдете среќата и задоволството тука, градејќи една посреќна и постабилна иднина за вас и за генерациите по вас – порача ректорката.

Деканите на факултетите што функционираат во рамките на Европски универзитет им посакаа успешен почеток на новите студенти, како и успешна кариера на магистрираните и на дипломираните студенти. Во своето обраќање, тие ги охрабрија младите да останат во државата и да придонесуваат за создавање посреќна и поуспешна иднина.

На Европски универзитет беше одржан и првиот академски час, на кој новите студенти се запознаа со наставниот кадар, начинот на студирање и со текот на своето школување.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ