Отсуството на вработените во текот на празниците создава организациски и финансиски тешкотии за компаниите, влијае врз продуктивноста, а продолжените викенди, според Стопанската комора на Македонија, често значат и одлив на потрошувачката во странство. Поради тоа, Комората најавува предлог-измени на Законот за празниците со кои индиректно би се намалил бројот на неработни денови.
До Министерството за економија и труд наскоро ќе достават предлог со две решенија: ревидирање на правото на користење на дел од неработните денови и укинување на практиката празник што се паѓа во недела да се префрла како неработен ден во понеделник.
– Отсуството на вработените од работа за празници негативно влијае на продуктивноста, предизвикува тешкотии од финансиски и од организациски карактер – изјави проектниот менаџер во Стопанската комора, Анета Димовска.
Оттаму појаснуваат дека предлогот не значи укинување или бришење на постојните празници, туку промена на начинот на кој се користат неработните денови. Според Димовска, при засновање на работниот однос, лицата би избирале кои празници од групата што не се однесува на сите граѓани ќе ги користат како неработни денови. На тој начин, би се определиле два дополнителни дена, со што вкупниот број неработни денови би се свел на 13.
– Од сите овие празници што не се однесуваат на сите, нашиот предлог е со договорот за вработување при вработување лицето да определи кои од посочените празници ќе ги празнува и така би се определиле два дополнителни дена, со што вкупниот број неработни денови би се свел индиректно на 13 неработни дена – рече Димовска.
Како второ решение, Комората предлага празниците што се паѓаат во недела да не се префрлаат како неработен ден во понеделник. Оттаму велат дека ова е барање што го посочуваат работодавците подолг период, поради последиците што ги има врз организацијата на работата и врз финансиското работење.
Во анализата на Стопанската комора, која опфатила 36 европски економии, се наведува дека во околу 70 проценти од анализираните држави бројот на државни празници и на неработни денови се движи меѓу 11 и 14. Македонија е во овој распон доколку се земат предвид само 11. неработни дена што важат за сите граѓани. Но, со додавање на петте дополнителни неработни дена за припадниците на православната вероисповед, бројот достигнува 16.
– Доколку на овој број 11 се додадат петте неработни дена што се доминантни за најголемиот дел од населението кое е православно, тогаш доаѓаме до бројот 16 и избиваме, условно кажано, на врвот помеѓу државите во Европа по бројот на неработни денови – нагласи Димовска и посочи дека во повеќе од половина од анализираните европски држави празниците што се паѓаат во текот на викенд не се префрлаат во наредниот работен ден.
Од Комората дополнително укажуваат дека продолжените викенди често се користат за патување во странство, што, според нив, придонесува дел од потрошувачката и од приходите да се насочат кон економиите на други држави.
Предлог-измените на Законот за празници треба да бидат доставени до Министерството за економија и труд, по што ќе се очекува институционално разгледување на иницијативата.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија, пак, сметаат дека газдите сакаат да ги кратат празниците, но не им се слуша кога треба да ги платат работниците.












