Македонија требаше да го добие патоказот за интеграција во европскиот блок при блиц-посетата на шефицата на Европската Ккомисија, Урсула фон дер Лајен, минатата недела. Конкретно, и овој пат и оваа Влада, како и претходните, остана со куси ракави, уште еднаш се повторија истите сценографија и наратив на Брисел, со преповторуваниот quid pro quo, услов без кој не се може. Пред десетина години, тоа беше македонското уставно име, за кое ЕУ продефилира во Преспа ширејќи лажни надежи за брза лента на членство во тогашниот елитен клуб. Не се случи тоа, иако новата кованица Северна Македонија, за која јавноста ниту знаеше ниту ѝ беше најавена, беше итно депонирана во Обединетите нации. Тогаш, со членството во НАТО, нè пренесоа жедни преку вода по безвремената битка за името со јужниот сосед, мамејќи нè со конкретната безбедносна компонента на Македонија во Алијансата. Првата игра без граници, ако е прва по Охридскиот договор (?!), беше комедија на дипломатската уметност, на која наседна неискусниот, но ласцивен кабинет на Заев. Имено, Македонија и онака ќе се приклучеше кон НАТО, зашто дуваа ветриштата на војната во Украина, а на Алијансата ѝ беа неопходни единственоста и сојузништвото на Балканот. Не можеше да си дозволи Македонија да стане, според неутралноста, втора Србија. Единствено требаше да се почека, зашто избрзаната дипломатија условува грешки во од. Резултатот е познат, за наша жал.
Втората игра без граници, како по некој однапред подготвен агендум (распоред на активности), се случи со Софија. Или поедноставно, по Атина следуваше Софија. Грицкањето на македонштината влезе во фазата на идентитетски прашања. Или поедноставно, кога веќе сме прекрстени во Северна Македонија, име на држава што не постоело досега, тогаш во редот се најдоа јазикот, нацијата, историјата. Според вториот протокол, тука ќе треба да се согласиме со бугарските корени на македонските нација, јазик, култура и историја. Како што милува да вели Бугарската академија на науките и уметностите, Македонија е најпрекрасниот цвет на нашата романтична историја. Оваа теза и бугарска стратегија кон нас не се менувала низ вековите. Затоа сме и сведоци на втората игра без граници. Ако мисли некој дека е присутна теоријата на заговор или политичка параноја кај авторот на овие редови, тогаш е обичен аналфабет во чувствителната геополитичка сфера, независно дали е билатерална или, пак, меѓународна. Зарем не е доволен индикатор што се поклопува во специфично одредено време фактот што се вратени наводните мошти на Самуил од Солун во Софија пред да или ако се случи средбата на шефицата на бугарската дипломатија, Чамова, со македонскиот министер Муцунски неделава. И черепот на македонско-словенскиот просветител свети Климент, кој по кој знае кои патишта завршил во црквата „Свети Јован Претеча“ во близина на Јанина, сегашна Грција, е донесен истовремено во Бугарија. Премногу случајности во исто време за да поверува човек дека не си поигруваат соседите со Македонија. Во време кога се надева Македонија на добивање цврсти европски гаранции за членство, по што би следувале и уставните измени.
Но, дали и ова е нова игра без граници на Европската Унија, дали му е Скопје толку важен чинител на Брисел, претпоставен пред Софија или уште повеќе пред Атина, таа неспорна колепка на светската демократија? Одговорот е содржан во самото прашање, но и во прашањето е дали има Македонија воопшто време за чекање или, пак, во избрзаноста може да направи капитални и неповратни грешки, катастрофални за државноста. Не постои гаранција какви услови ќе поставува Софија во текот на отворањето на поглавјата и на кластерите со Унијата, како што не постои гаранција и за можноста и една Албанија да поставува свои услови кон Македонија доколку стане членка на европскиот клуб земји до 2030 година, за што веќе има и најави од повеќе членки на Унијата.
И додека досега се анализираше постојната состојба на земи или остави за Македонија, што повеќе наликува на состојба на свршен чин, да им се посветиме малку и на можните дипломатски излезни решенија од наметнатиот застој на македонската интеграција во ЕУ. Предизвиците и пречките ни се познати и затоа во мачната шаховска игра треба да предвидуваме неколку потези однапред за, сепак, да натежне компромисот во наша корист. Еден од излезите е квалификуваното мнозинство при гласањето во Европскиот совет. Брисел веќе го спроведе при доделувањето на помошта на Украина, десетици милијарди евра, на која се спротивставуваше поранешниот унгарски премиер, Орбан, кој наеднаш не беше во салата за гласањето, за што на Будимпешта ѝ беше овозможено натамошно користење на руските евтини енергенси. Дилемата е колку е способна Македонија со своите лоби групи да изнуди ваков потег на Европската Унија. Нели е затоа јасно зошто во пресрет на октомврискиот самит на ЕУ, двоецот Софија – Атина се реши за наводна реституција на Самуиловите мошти во Бугарија? Исти се намерите со свети Климент. Деидентификација на македонизмот. Затоа бугарски приоритет се измените на македонскиот Устав пред интеграцијата во Унијата доколку последново, од разноразни причини, воопшто и се случи. Но, и земјава има адути. За Брисел, но и за НАТО е важен Коридорот 8, паневропскиот правец што преку патот на мобилноста на Алијансата би ја поврзувал Украина на Исток, преку Македонија, со Италија и со Европа на Запад. Македонија е во центарот на овој стратешки коридор. Тоа е аргумент повеќе да се настапи со солиден став пред Унијата. Тоа не е уцена, туку излез од блокадата на вкупниот квантум бариери што се исправуваат меѓу Брисел и Скопје. Постепената интеграција не е решение, Македонија и според канцеларот Бизмарк територијално е портата на Балканот. А, кој го контролира Балканот, го контролира и европскиот континент, дополнил Бизмарк.
Да не го изоставуваме и американското стратешко партнерство. Македонија има целосна поддршка од официјален Вашингтон за членство во ЕУ. Можеби, затоа им се брза на Софија и на Атина во добивањето пријател повеќе во Европската Унија доколку се заложат САД македонското прашање да добие приоритет на масата на европската интеграција. И тоа може да се случи, конечно американската политика е благонаклонета кон македонската. Тука се и групите европски земји, како што се Вишеградската или Славков 3 (Австрија,Чешка и Словачка), кои отворено лобираат за Македонија, укажувајќи на фактот за проширувањето како аргумент на единството и на силата на Европа.
И на крајот, пошироката слика за можните тектонски промени во политичката кохезија на Европската Унија. Ќе се случат, најверојатно, в година во Франција доколку се остварат прогнозите за победа на Марин Ле Пен на претседателските избори. Од април 2027 година, во Петтата Република може веќе ништо да не биде исто и тогаш Европа може да се најде на крстопатот на своето постоење. Уште повеќе на Европската Унија не ѝ одат во прилог анкетите и покраинските победи на десноориентираната Алтернатива за Германија наспроти демохристијаните на бундесканцеларот Мерц. Дури 30 отсто од анкетираните во Германија се согласуваат со политиките на АФД (Алтернатива за Германија), а само 18 проценти се имаат изјаснето за партијата на Мерц. Затоа на Европа, читај на Германија и на Франција, ѝ се брза во ослободувањето од каменот наречен Украина, зашто на домашната сцена, граѓаните во Франција и во Германија сè повеќе се прашуваат зошто им се трошат парите за оружје за Украина без резултат и победа против Русија. Отворено, АФД и Ле Пен ја декларираа блискоста со рускиот претседател, Путин. Исто така, и Софија и Атина итаат кон затворање на македонското прашање, кое го почнале во 1913 година, бидејќи едноставно не се сигурни со каква иднина ќе се соочи Европа доколку се промени домашната политичка слика во Германија и во Франција.
За Македонија, времето може да биде непроценлив сојузник. Што се однесува до игрите без граници на нашите соседи и на нивните патрони, таму навистина нема место за кловнови.
(Авторот е новинар и воен репортер од боиштата на поранешна Југославија)
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)












