Македонија деновиве живее под вршник, темепратурите на некои места се очекува да се искачат и до 40 степени целзиусови во сенка, а многу повеќе на градскиот асфалт. Центарот на метрополата остана празен по алармот што го вклучија здравствени институции- во најтоплите часови да се седи дома во климатизиран стан. Во едно деноноќие Брзата помош во Скопје имала 66 интервенции, се давала помош при сообраќајки со повеќемина повредени, а имало и два случаи на губење свест. Човек паднал пред банка поради дезориентираност, а друг колабирал, информираат од ИМП. Најавите од Управата за хидрометеоролошки работи се дека до крајот на неделата ќе биде многу топло.

„ Во вторник и во среда ќе се задржи сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Во четврток и петок наместа ќе има нестабилност со пороен дожд, засилен ветер и појава на грмежи. Повремено процесите ќе бидат во форма на невреме, а тремпературата ќе опадне за неколку степени“, соопштија синоптичарите.
Од ИЈЗ препорачуваат да се избегнува изложување на сонце, работа и физичка активност на отворено од 11 до 17 часот. Температурната разлика дома –надвор да не биде голема.

„Ако надвор е 39 степени, клима-уредите да бидат на околу 25 степени, за да може организмот полесно да се прилагоди доколку излезете надвор. Доколку на тие температури се изложени работници, особено оние кои работат на отворено, треба да имаат повеќе паузи, да бидат помалку изложени на сонце и да престојуваат под сенка, како и да внесуваат доволно течности“, препорачува д-р Давид Здравески, раководител на Одделот за здравствена промоција и следење на болести при Институтот за јавно здравје.
Тој советува и полесна исхрана во периодот на високите температури – повеќе лесна, помалку мрсна и висококалорична храна, како и избегнување намирници со големо количество шеќери.
„Доколку надворешната температура е над 35 степени, најдобро е да се престојува во климатизирани простории, а не само со вентилатори. Треба да се спуштат ролетните и прозорците да бидат затворени во најтоплиот дел од денот. По 17 часот се препорачува прозорците да се отворат и просториите да се проветрат“, вели Здравески.
Посебно внимание, според него, треба да посветат хронично болните, бремените жени и лицата над 65 години. Хронично болните треба редовно да ја земаат пропишаната терапија, а доколку не се чувствуваат добро, да се консултираат со матичниот лекар. Повозрасните кои живеат сами треба да одржуваат редовен контакт со соседи, пријатели или роднини, за навреме да добијат помош доколку почувствуваат симптоми.
„Дополнителни препораки се почесто разладување, односно повеќепати во текот на денот туширање со млака вода или престој во поладни простории. Треба да се носи светла и лесна облека, капа и заштитни очила, а при изложување на сонце задолжително да се користи заштитен фактор SPF 30“, додава Здравески и ги повика граѓаните да ги препознаваат симптомите на топлотен удар.
„Тоа се вртоглавица, главоболка, бессознание, а може да се појави и мускулен грч. Ако мускулниот грч не се регулира во рок од еден час со ладење и доволно хидрирање, веднаш треба да се повика Итна медицинска помош. Исто така, топла и сува кожа е симптом што треба да се препознае и веднаш да се побара медицинска помош“, предупредува Здравески.
„Не ја менувајте и не ја прекинувајте терапијата без консултација со лекар“, нагласуваат од ИЈЗ.
Во примерните здравствени ординации зголемен е бројот на случаи на сончаница и дехидрираност.

„Мене повеќе ме загрижува УВ-зрачењето, кое е релативно високо во текот на целиот ден. Дури и кога го нема сонцето, имаме високо ниво на зрачење, кое може да биде поштетно од самата топлина. Секако, не треба да се занемари ниту високата температура. Кај луѓето кои подолго време седат или престојуваат на сонце може да се појават различни симптоми, како покачена телесна температура, но и дехидрираност доколку не внесуваат доволно вода и соодветно не го рехидрираат организмот. Во некои случаи може да дојде и до топлотен удар, кој може да се манифестира со пад на крвниот притисок, треперење на телото и општа слабост. Во зависност од состојбата, може да биде потребна и инфузиона терапија. Затоа, освен терапијата, мора да се следат и препораките за заштита – да не се излегува во периодот кога УВ-зрачењето е највисоко, од 10 до 17 часот, да се избегнува директно изложување на сонце и да се внесуваат доволно течности. Водата треба да се пие полека и во континуитет, а не да се чека да се појави жед.“изјави за весникот ВЕЧЕР д-р Бојан Трајковски.
БЕТОНСКИ ЖЕШКИ ТОЧКИ: ВО СКОПЈЕ ИСТАТА ТЕМПЕРАТУРА НЕ СЕ ЧУВСТВУВА НА СЕКОЈА ЛОКАЦИЈА
Температурата од 40 степени Целзиусови што се прикажува во временските прогнози не значи дека толку е измерено на секоја локација во Скопје. Во густо изградените делови од градот, со многу бетон, асфалт и малку зеленило, се создава таканаречен ефект на „топлински острови“ – урбани точки каде што температурата може да биде повисока од онаа во околните, помалку изградени подрачја. На ова предупредува и д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје, кој посочува дека бетонизацијата е една од главните причини за создавање на ваквите жешки точки.

„Главната причина е т.н. бетонизација, односно густо изградени големи згради, асфалтирани улици, поплочени тротоари и паркинзи кои апсорбираат топлина од сончевото зрачење. Бетонот, циглите и асфалтот се добри акумулатори на топлина, па ја задржуваат и подоцна ја ослободуваат во воздухот, вклучително и во вечерните и ноќните часови“, објаснува Цицонков. Според него, проблемот дополнително го зголемува намалената вегетација. Недостигот на дрвја и зелени површини значи помалку природна сенка и помало испарувачко ладење, додека високите згради можат да го попречат струењето на воздухот.
„ Додека чекам автобус за накај дома после работа, на станицата спроти АМСМ, во деновите кога е многу жешко, ми се случило да ме фати паника, па секогаш носам шише со вода да го мијам лицето од страв да не се онесвестам, вака го доживува топлиот асфалт една скопјанка.
Разликата меѓу движење по директно изложен, асфалтиран тротоар и престој под крошна од дрвја може да биде значајна за тоа колку топлина прима човечкото тело. Затоа, во услови на топлотен бран, зелените површини и дрворедите имаат практична улога во заштитата на населението.
Цицонков како пример го посочува центарот на Скопје, каде што густата изграденост, големите асфалтирани и поплочени површини и недостигот од зеленило создаваат услови за поизразен ефект на топлински остров. Како подрачја каде што исто така може да се почувствува овој ефект ги наведува делови од Карпош и Аеродром.

„Ако не престане градежната експанзија, ефектот на топлински острови ќе биде сè поинтензивен, а ако на тоа се додадат топлинските бранови заради климатските промени, тогаш условите за живот во Скопје ќе бидат драстично влошени“, предупредува Цицонков. Професорот предлага во летниот период да се вршат мерења на температурата на различни локации во градот, особено во густо изградените подрачја. Според него, такви мерења би требало да спроведе УХМР, како институција надлежна за мерење и следење на метеоролошките параметри.
Во услови кога температурите се искачуваат до 40 степени, прашањето затоа не е само колку покажува термометарот, туку и каде се наоѓа термометарот – и дали граѓанинот стои под сенка на дрво или на асфалт и бетон изложени на директно сонце.(П.А.)












