Владата ја усвои првата конечна приоритетна листа со 41 предлог-проект за јавни инвестиции, подготвена по предлог на Министерството за финансии и на Комитетот за јавни инвестиции.
На листата се проекти со вредност над 5 милиони евра, од областа на инфраструктурата, образованието, здравството, енергетиката, дигитализацијата, земјоделството и на водостопанството.
Проектите претходно биле проверени од Министерството за финансии од аспект на комплетноста на документацијата, квалитетот на податоците, стратешката важност и подготвеноста за понатамошна реализација, а потоа разгледани и одобрени од Комитетот за јавни инвестиции.
Приоритетната листа ќе биде основа за планирање на новите капитални инвестиции во буџетот за 2027 година, како и за инвестициските програми на јавните претпријатија и на акционерските друштва во државна сопственост.
Сепак, тоа што еден проект се наоѓа на листата не значи дека автоматски ќе биде финансиран или реализиран. Конечната одлука ќе се носи во процесот на капитално буџетирање, во зависност од расположливите средства, зрелоста на проектот и од приоритетите на Владата.
Од Министерството за финансии посочуваат дека со ова се воведува посистематски и потранспарентен начин на планирање и управување со јавните инвестиции, особено кај големите капитални проекти.
Листата е подготвена во согласност со Реформската агенда 2024–2027 и со Уредбата за управување со јавни инвестиции, која произлегува од Законот за буџети.












