Почна исплатата на регресот за годишен одмор – К-15, а работниците во приватниот сектор годинава можат да очекуваат повисок минимален износ. Според пресметките врз основа на просечните нето-плати, минималниот К-15 годинава изнесува околу 19.116 денари, односно речиси 20 илјади денари. Зголемувањето на регресот е резултат на растот на просечната плата во земјава. Согласно со Колективниот договор за приватниот сектор, минималниот регрес за годишен одмор изнесува 40 проценти од просечната нето-плата исплатена во последните три месеци.
За пресметката годинава се земени предвид просечните нето-плати за февруари, март и за април 2026 година, кои изнесувале 46.159, 48.433 и 48.779 денари. Просекот на овие три износи е околу 47.790 денари, од кои 40 проценти даваат минимален К-15 од приближно 19.116 денари. Тоа значи дека работниците годинава имаат право на регрес што е повисок од минатогодишниот, а сумата се приближува до границата од 20.000 денари.
Иако за најголем дел од работниците сумата од околу 19.116 денари ќе биде минималниот износ, тоа не значи дека толку мора да добијат сите.
– Работодавците можат да исплатат и значително повисок регрес доколку е предвидено тоа со колективен договор, со интерните акти на компанијата или со одлука на работодавецот. Во одредени компании, К-15 веќе достигнува 40.000 или 50.000 денари, додека има и компании што исплаќаат регрес од 80.000, па дури и 100.000 денари. Особено повисоки суми се исплаќаат во компаниите што имаат добри деловни резултати, но и во секторите каде што има недостиг од работна сила. За работодавците, повисокиот К-15 е еден од начините да ги задржат квалитетните работници и да привлечат нови кадри – велат за весникот ВЕЧЕР од Сојузот на синдикатите на Македонија.
Во дел од компаниите, покрај К-15, успешното работење може да биде проследено и со дополнителни годишни бонуси или 13. плата.
– Компаниите во приватниот сектор можат да почнат со исплатата на К-15 од 1 јули. Дел од работодавците веќе ја извршуваат исплатата во летните месеци, додека други ја одложуваат за подоцна во годината. Токму времето на исплата често предизвикува незадоволство кај работниците. Иако регресот е наменет за годишниот одмор, во практиката дел од компаниите го исплаќаат дури кон крајот на годината, користејќи го законски дозволениот рок – велат од Синдикатот.
За работниците, пак, К-15 е особено важен во летниот период, кога се зголемуваат трошоците за патување, летување, сметки и за секојдневни потреби.
Право на регрес за годишен одмор имаат работниците во приватниот сектор што имаат најмалку шест месеци непрекината работа кај истиот работодавец, во текот на календарската година.
К-15 претставува парично право и се исплаќа во пари. Тој не може да биде заменет со ваучери, производи, услуги или со друга форма на надоместок.
Минималниот износ е утврден со Колективниот договор, но работодавецот може да определи и повисока сума.
Постојат и исклучоци за компаниите што се соочуваат со сериозни економски проблеми. Компаниите што работат со загуба, имаат тешкотии во работењето или блокирана сметка, под одредени услови можат да исплатат регрес во понизок износ од минималниот. За тоа мора да постои соодветна документација и одлука донесена во согласност со законските прописи и со Колективниот договор. Економските тешкотии не смеат да се користат само како формален изговор за избегнување на обврската за исплата.
Синдикатите во повеќе наврати укажуваат и на потребата од поефикасни контроли за да се спречат злоупотреби.
– За многу работници, регресот претставува значајна финансиска поддршка. Дополнителните речиси 20.000 денари може да помогнат во покривањето на дел од трошоците за летување, патување или за други зголемени расходи во текот на летото. Затоа компаниите што имаат можност да не ја одложуваат исплатата до последниот рок, туку навреме да го исплатат регресот, кога им се најпотребни средствата на работниците – апелираат од ССМ.
Од друга страна, работодавците како причини за подоцнежната исплата ги наведуваат ликвидноста, финансиското планирање и сезонскиот карактер на работењето.
Сепак, годинава главна новина е дека минималниот К-15 повторно расте и достигнува околу 19.116 денари, што практично значи дека работниците во приватниот сектор можат да очекуваат речиси 20.000 денари регрес, а оние што работат во компаниите со повисоки интерни или колективно договорени износи можат да добијат и значително повеќе.
(А. С.)












