Словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ не бил особено среќен што ја делел соблекувалната со Леброн Џејмс во Лос Анџелес лејкерс. Барем така тврди познатиот американски кошаркарски коментатор, Скип Бејлес (74), кој откри дека словенечката суперѕвезда наводно не уживала во заедничкото играње со еден од најдобрите кошаркари во историјата.

  • На Лејкерс воопшто не му недостигаше Леброн Џејмс. На Лука едноставно му беше доста. Не велам дека го мразеше, но не го сакаше. Секако дека не уживаше да ја дели сцената со него, бидејќи, на крајот на краиштата, Леброн си е Леброн – изјави Бејлес во поткастот „Дабл кавриџ“.

Според него, проблемот бил и во огромното внимание што го привлекуваше Џејмс во јавноста, иако Дончиќ сметал дека може да биде главната фигура на тимот. Бејлес тврди дека Словенецот не гледал причина зошто мора да го дели вниманието со соиграч што, според неговото мислење, не бил подобар од него на кошаркарскиот терен.

Леброн ова лето се пресели во Филаделфија, оставајќи му ја на Дончиќ целосната лидерска улога во Лејкерс. Тој одлично ја искористи можноста и моментално е најдобар стрелец во НБА-лигата со неверојатни 39 поени на натпревар, дополнети со 7,8 асистенции и 7,2 скока.

Од друга страна, Џејмс во дресот на Филаделфија бележи просек од 15,1 поен, што е најмалку во неговата кариера. Неговите проценти на шут, исто така, се далеку од најдобрите денови, особено од линијата за три поени, каде што погодува само 22,5 проценти.

И покрај различните улоги, двата тима имаат одличен почеток на сезоната. Лејкерс е меѓу најдобрите во лигата, додека Филаделфија е на врвот во Источната конференција.

Дончиќ и Џејмс поминаа сезона и пол заедно во Лос Анџелес, но нивната соработка не донесе шампионски успех. Сега Лука има можност да го води тимот целосно според своите замисли и неговите досегашни бројки покажуваат дека ужива во улогата на прва ѕвезда.

ИЗДВОЕНИ