четврток, ноември 19, 2026
Дома МАГАЗИН Тигрицата Наоми Кембел, како диџејка за многу „мрсен“ хонорар, на отворањето на...

Тигрицата Наоми Кембел, како диџејка за многу „мрсен“ хонорар, на отворањето на новата скијачка сезона 2026/27 на босанската планина Јахорина

1

Наоми Кембел, една од планетарно најпопуларните манекенки, пристига на Балканскиот Полуостров. Поточно кажано, нејзината дестинација е градот на реката Миљацка, градот Сараево, Босна и Херцеговина. Таа, на 28 ноември, првпат во својата кариера, нема да биде манекенка, ниту фотомодел. Оваа црномуреста атрактивна тигрица која секогаш изгледа отмено како да е симната од ведрото небо полно со ѕвезди, како вистинска ѕвезда ќе биде главна гостинка на отворањето на новата скијачка сезона 2026/27 на планината Јахорина, над Сараево. Наоми ќе настапи како диџејка, секако, за многу „мрсен“ хонорар, кој е строго деловна тајна.

Спектакуларниот настан „Ски опенинг“ ќе започне во 22 часот, а организаторите најавуваат вечер со одлична музика, забава, смеа, јадење и пиење. Деталите за гостувањето на тигрицата Наоми само делумно ги откри Недељко Елек, претседател на Надзорниот одбор на Олимпискиот центар Јахорина. Тој смета дека нејзиното гостување ќе биде одлична промоција на Јахорина, особено поради големиот број следбеници што Наоми ги има на „Инстаграм“ – околу 15 милиони. Најавено е дека за време на престојот во Сараево на Наоми ќе ѝ бидат претставени (и подарени) домашни производи и од градот Бања Лука, Република Српска.

Кембел ќе има и една мошне „тешка“ задача: да се „качи“ со гондола до врвот на планината Јахорина, каде што ќе одржи  конференција за новинарите. Таму ќе биде поставен и луксузен шатор во кој таа ќе го има својот музички настап. Ќе одржи и соодветен говор пред ТВ-камерите. Инаку, Наоми е родена на 22 мај 1970 година во Лондон. Својата кариера ја започнала како тинејџерка, а во текот на 90-тите години станала еден од најпосакуваните модели во светот.

(Д. М.) 

 

ИЗДВОЕНИ