Бугарија одобри нацрт-протокол со кој се предвидува да ја организира изградбата на целиот железнички тунел „Деве Баир“, вклучително и делот што се наоѓа на македонска територија. Одлуката е донесена од бугарската Влада, која го усвои документот како основа за почнување преговори со Македонија.

Според предвиденото, Бугарија ќе ги спроведува јавните набавки за изградбата и ќе биде одговорна за градежниот надзор. Протоколот треба да го потпишат министрите за транспорт на двете земји, по што ќе следуваат процедурите за негово одобрување и стапување во сила. Железничкиот тунел треба да ги поврзе Крива Паланка и Ѓуешево на трасата Скопје – Софија. Проектираната должина изнесува 2.383 метри, од кои околу 1.189 метри се предвидени на македонска, а 1.194 метри на бугарска територија. Конечните должини ќе бидат утврдени со изработката на финалниот проект.

Според меѓувладиниот договор, секоја држава ќе биде сопственик и ќе одговара за одржувањето на делот од тунелот на своја територија. Двете земји се обврзале да бараат неповратни европски средства за финансирање на изградбата, додека пристапните железнички делници ќе ги финансираат одделно.

Бугарското Министерство за транспорт претходно ја посочи 2030 година како целен рок за завршување на железничката врска. Засега нема информации за вкупната вредност на тунелот, ниту за конкретен датум за почеток на градежните активности.

ИЗДВОЕНИ