Безживотно тело на 38-годишен маж утрово е пронајдено на скопската обиколница „Мајка Тереза“, во близина на селото Смилковци. Кај починатиот била забележана прострелна повреда во пределот на ногата, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Според информациите од полицијата, случајот бил пријавен утрово, на 21 ноември, во 06:15 часот, по што полициски екипи веднаш биле испратени на местото на настанот.
По извршените проверки било утврдено дека станува збор за Ш.Е. (38) од скопското село Љубин.
Во непосредна близина на телото бил пронајден автомобил „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, за кој полицијата утврдила дека претходно го управувал починатиот.
Екипа на Итната медицинска помош констатирала смрт, а при првичниот преглед била забележана прострелна повреда на ногата.
На местото на настанот бил извршен полициски увид, а по наредба на јавен обвинител телото е предадено на Институтот за судска медицина, каде што ќе биде извршена обдукција за утврдување на точната причина за смртта.
Од МВР соопштуваат дека се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот и утврдување на околностите под кои настапила смртта.












