сабота, ноември 21, 2026
Дома СВЕТ Го убил адвокатот, а телото го фрлил во контејнер среде Еверглејдс: Хирург...

Го убил адвокатот, а телото го фрлил во контејнер среде Еверглејдс: Хирург од Флорида осуден на смрт

0

Пластичен хирург од Флорида е осуден на смрт поради убиство на адвокат, настанато како последица на спор околу пари.

Пластичен хирург од Флорида е осуден на смрт за убиство на адвокат извршено во март 2023 година. Тој го фрлил телото на жртвата – кое никогаш не е пронајдено – во контејнер за отпад во Еверглејдс, огромна мочуришна област во јужна Флорида. Казната ја изрекол судија вчера, пренесува АП.

Според обвинителството, д-р Томас Косовски го убил адвокатот Стивен Кози во тоалетот на неговата адвокатска канцеларија. Убиството се случило кратко по конференциски повик во кој учествувале двајцата, а кој се однесувал на долготраен спор околу наплата на медицински услуги.

Обвинителите тврдат дека Косовски се вклучил во повикот од својот пикап, кој бил паркиран пред зградата. Со себе донел вреќи за ѓубре, шприц со средство за парализа на мускулите и количка за транспорт на телото.

Траги од злосторството и потрагата во Еверглејдс
Податоците од мобилните телефони и снимките од безбедносните камери ги довеле истражителите до оддалечена област западно од Мајами, во јужна Флорида. Локацијата се наоѓа долж „Тамијами трејл“ (Tamiami Trail), пат што минува низ пространите мочуришта на Еверглејдс. Истражителите веруваат дека Косовски го фрлил телото на адвокатот во контејнер за отпад на таа локација.

Возачот на камион за собирање отпад, кој го испразнил контејнерот, пријавил дека на таа локација почувствувал необично силна и непријатна миризба. Отпадот собран во таа област се носи на депонија во округот Колиер, исто така на Флорида. Сепак, потрагата по телото не дала резултати. Истражителите објаснија дека отпадот на депонијата редовно се набива со тешка механизација, што го прави пронаоѓањето на човечки останки речиси невозможно.

Клучните докази против хирургот вклучуваа траги од крвта и ДНК на Кози, пронајдени во тоалетот на една адвокатска канцеларија, како и во гаражата од домот на Томас Косовски.

Судење и пресуда
Косовски беше прогласен за виновен за убиство уште во септември. Тој самиот се застапуваше за време на судењето, а својата одбрана ја изнесе дури во завршниот говор, тврдејќи дека обвинителството не успеало да ја докаже неговата вина. Откако поротата донесе одлука дека е виновен, судијата Џозеф Булоне од округот Пинелас, Флорида, требаше да одлучи дали да му изрече смртна казна или доживотен затвор без можност за условно ослободување.

Косовски одби да наведе какви било олеснителни околности што би можеле да доведат до поблагa казна. Сепак, адвокатот назначен од судот истакна дека тој нема претходно криминално досие, а исто така укажа и на неговата медицинска кариера. Косовски дипломирал на Медицинскиот факултет при колеџот Дартмут во САД и специјализирал реконструктивна хирургија на дојка.

Судијата Булоне призна дека постојат олеснителни околности, но заклучи дека тие не се доволно значајни за да ги надминат околностите што оправдуваат построга казна. Тој нагласи дека Косовски го извршил злосторството на ладнокрвен, пресметан и однапред испланиран начин, без никакво морално или правно оправдување. „Судот заклучува дека обвинетиот, според законите на сојузната држава Флорида, го изгубил своето право на живот“, изјави судијата Булоне.

ИЗДВОЕНИ