Канада воведе привремена забрана за увоз на говеда од американската држава Тексас откако оваа недела кај телињата беше откриена опасна месојадна мува. Кравите и коњите што биле во Тексас во рок од 21 ден од преминувањето во Канада нема да имаат дозвола да влезат во земјата, соопшти Канадската агенција за инспекција на храна.
Одлуката дојде откако Министерството за земјоделство на САД (USDA) потврди дека паразитот е пронајден кај второ теле во Тексас, државата со најголемо производство на говедско месо во Америка. Гувернерот на Тексас, Грег Абот, прогласи состојба на катастрофа во петокот поради „непосредната закана“ што ја претставува ширењето на инфекцијата, објави „Би-би-си“.
„Постои голема веројатност дека инфекцијата ќе се прошири во текот на летото“, изјави Абот за новинарите во петокот.
Што е месојадна мува?
Месојадната мува е паразит на Новиот свет чии женки ги положуваат своите јајца во отворени рани и на мукозните мембрани на топлокрвни животни, вклучувајќи ги и луѓето. Кога јајцата се изведуваат, стотици ларви се закопуваат низ живо ткиво со своите остри делови од устата. Доколку не се лекуваат, инфекцијата може да биде фатална за домаќинот.
Одговор на заразата од Тексас
Американските власти во среда го објавија првиот случај на инфекција во Тексас за 60 години, кај тринеделно старо теле чии ларви беа пронајдени во областа на папокот. Откритието се случи во градот Ла Прајор, околу 48 километри од границата со Мексико.
Во петокот, втор случај беше потврден кај едномесечно теле во округот Завала, приближно девет километри од местото на првиот случај. Министерството за земјоделство на САД соопшти дека вториот случај е откриен при проверка на „голем број сомнителни случаи“ во рамките на контролната зона широка 20 километри воспоставена по првото откритие. Министерството објави дека вовело „карантин, контрола на движењето на добитокот и зголемен надзор“ во областа.
Случаите се дел од епидемија што се шири низ Централна Америка и Мексико, која внимателно ја следат американските земјоделски и здравствени службеници. Гувернерот Абот прогласи состојба на катастрофа, наведувајќи дека ширењето на болеста претставува „непосредна закана и опасност од голема штета за земјоделската индустрија во Тексас“. Одлуката насочува дополнителни средства кон погодените области за да се спречи понатамошно ширење.
Канадските службеници истакнуваат дека паразитот веројатно нема да стане постојан жител во нивната земја поради постудената клима – историски се ширел во потопли и повлажни области. И покрај ова, тие ги предупредија земјоделците да го следат добитокот и да обрнат внимание на какви било рани или посекотини „кои испуштаат непријатен мирис“. Тие, исто така, ги повикаа граѓаните што патуваат во Тексас да ги проверат своите миленици.
САД и Канада имаат развиена двонасочна трговија со добиток што се транспортира преку границата за колење, размножување и производство на млеко и волна. Увозот од САД се зголемува во последните години, а според податоците од канадското Министерство за земјоделство, во 2025 година, 550,000 грла стока.












