четврток, септември 10, 2026
Дома БАЛКАН Татко во Србија го принудил својот 10-годишен син да пука во неговиот...

Татко во Србија го принудил својот 10-годишен син да пука во неговиот деловен партнер

1
EPA/EDVARD MOLNAR

Полицијата во Србија уапси 44-годишен маж под сомнение дека го принудил својот десетгодишен син да пука во неговиот 25-годишен деловен партнер. Пукањето се случило во црковниот двор во село во близина на Обреновац, пишуваат српските медиуми.

Како што објави „Телеграф“, инцидентот се случил синоќа околу 21 часот. Наводно, му претходела расправија околу нерасчистени финансиски прашања поврзани со заеднички бизнис за сеча и продажба на огревно дрво.

За време на расправијата, осомничениот Славко О. наводно извадил пиштол, му го подал на својот син и го принудил да пука кон 25-годишен маж. Младиот човек се здобил со прострелни рани на рацете. Бил пренесен во болница и не е во животна опасност.

Свештеник, кој во тоа време се наоѓал во црковниот двор, бил сведок на пукањето. Кога видел автомобил како влегува во црковниот круг, првично помислил дека станува збор за верници кои дошле да запалат свеќа.

Мештаните се вознемирени од настанот, особено поради фактот што во него било вмешано и дете. Соседите за повредениот млад човек велат дека е вреден и мирен, а во селото велат дека не очекувале ваков инцидент.

Осомничениот, според досегашните информации, и претходно имал проблеми со законот. Бил пријавуван за нелегално поседување оружје, кражба на дрва, насилничко однесување, како и за сообраќајни инциденти.

Полицијата веднаш го обезбедила местото и го пронашла оружјето, кое е дадено на вештачење. Десетгодишното дете е згрижено и е на безбедно, а во случајот се вклучени и службите за социјална заштита, кои треба да му обезбедат соодветна психолошка и правна поддршка.

На Славко О. му е одредено задржување до 48 часа, по што ќе биде предаден на надлежното обвинителство. Истрагата ја води Вишото јавно обвинителство, кое треба да ги утврди сите околности под кои дошло до пукањето.

ИЗДВОЕНИ