Американската новинска агенција АП известува дека вчера „автократскиот лидер на Србија, Александар Вучиќ, го призна поразот пред движење предводено од студенти – што претставува тектонско политичко поместување“.
„Долгогодишниот владетел на Србија го призна поразот на изборите, на кои тој и неговата десничарска партија се соочија со разнолико опозициско движење – предводено од студенти – кое две години протестираше против неговото владеење“, се наведува понатаму во текстот.
АП истакнува дека ова претставува „тектонско политичко поместување во оваа балканска земја, со која 14 години владееше Вучиќ – политичар поддржан од рускиот претседател Владимир Путин, кој претходно студентското движење го окарактеризира како државен удар оркестриран од странство, со цел тој да биде соборен од власт“.
Агенцијата наведува дека високата излезеност и зголемените тензии ги одбележаа денешните парламентарни избори во Србија, кои всушност се претворија во референдум помеѓу десничарската Српска напредна странка на Вучиќ и „Студентската листа“, поддржана од младите.
Според АП, победата на студентите потсетува на неодамнешниот изборен пораз на еден од сојузниците на Вучиќ во Унгарија, каде што учеството на младите придонесе за соборување на автократот Виктор Орбан и за формирање нова, проевропска влада.












