Уште од она време кога почнаа да соработуваат со легендарната Есма Реџепова, па сè до денес, браќата Раде и Филип Нуневски донесоа грст македонски народни и забавни песни, а сосе новите 16 што ги промовираа синоќа на гала-настанот, создадоа некое неописливо волшепство
Дали е народна или забавна музика, за нив навистина не е важно, важно е дека сите песни им се преубави за слушање и за многу добро расположение, а тоа убедливо го прават браќата Нуне. Многу популарна македонска фолк и забавна група, основана во 2018 година од браќата Раде Нуневски (кларинет и саксофон) и Филип Нуневски (труба). Пред осум години се појавија со првиот албум „По патот“. Потоа дојде и вториот музички проект, снимен во Лондон, во соработка со легендарната Есма Реџепова, со која честопати настапуваше.

Од таа година, на основањето, публиката го кажа своето мислење за нив. Со тие песни браќата Нуне ја оживеаја македонската естрада. А, токму така силно живо беше и на синоќешната гала-промоција на нивните две ЦД-изданија, со вкупно 16 песни, народни и забавни.
Фолк-цедето е насловен едноставно и ефектно, како „Љубов“ со сите хитови: „Браќа Нуне свират вечерва“, „Сине“, „Верни другари“, „Ќе се вратам мајко“, „Верна љубов“, „Напиј се брате“, „Прстен ѝ давам“ и „Тапаните силно ми чукаат“, мегахит збогатен и со интересен спот. Забавното цеде се вика „Верувај ми”, на него се песните: „Љубов што е љубов“ (голем летен хит), потоа „Верувај ми“, „Ништо не значи“, „Глеј“, „Живот“, „Еј, девојко, девојко“, „Љуби, љуби, љуби“ и „Љубовта е најскапа“. Дел од овие песни веќе имаат и спотови. Секој што дојде на промоцијата си доби и специјална УСБ-картичка со песните од двата албума. Беа поставени и кутии за донации, наменети за СОС Детско село. Секоја пофалба за професионалноста и за оригиналноста.
Браќата имаа и ексклузивен гостин од Србија, еден од најдобрите тамошни хармоникаши, Борко Радивојевиќ, со кој максимално ја загреаја атмосферата. Свиреа заедно и предизвикаа невидени овации кај многубројни гости и познати и непознати личности, а познати имаше премногу, нивни колеги музичари и пејачи.
Водителка на настанот беше атрактивната Лила Филиповска која успеа со својата вродена духовитост да ги насмее присутните, но и да заигра чочек на сцената, заедно со браќата Нуне. Посебна емоција секако дека донесоа прекрасните вокали, Мими и Дац. Како и останатите прекрасни инструменталисти кои со своето знаење и свирење направија промоцијата да биде во знакот на некое неописливо волшепство.
– Среќни сме кога луѓето се среќни со нас и со нашите песни. Затоа, целта на овие цедеа е да има музика која ќе ги освои сите, без разлика на возраста и полот, порачаа расположените браќа на крајот од промоцијата, а кои пријатно нè изненадија и со својот имиџ.
Дуле МИЌИЌ












