Во Домот на АРМ, утре напладне ќе се одржи јавна расправа за нацрт-просторниот план 2040 за Југоисточниот Плански Регион. Се очекува голема посетеност откако „Здрава котлина“ упати повик до граѓаните масовно да присуствуваат и да ги изнесат своите забелешки. Во фокусот се планските решенија за минералните суровини, рударските и индустриските капацитети, земјоделското земјиште и за заштитата на животната средина. Се очекува да им биде посветено особено внимание на Иловица – Штука, Казандол и на Боров Дол, како и на влијанието на планираните намени врз Струмичката Котлина и водните ресурси

Утре напладне, со почеток во 12:00 часот, во Домот на АРМ во Струмица ќе се одржи јавна расправа за нацрт-просторниот план на Република Македонија 2040, наменета за Југоисточниот Плански Регион. Станува збор за првата од регионалниот циклус јавни расправи за нацрт-просторниот план 2040, документ што треба да ја утврди долгорочната рамка за организација, намена, користење и заштита на просторот во земјава до 2040 година.

За утрешната расправа се очекува голема масовност и големо присуство на граѓани од Струмица и од околните општини, особено по најавите од Граѓанското здружение „Здрава котлина“, кое упати повик до граѓаните масовно да присуствуваат на расправата.

Од Здружението велат дека ја гледаат јавната расправа како можност директно да ги изнесат своите ставови пред институциите во врска со планираните намени на просторот во Југоисточниот Регион, а особено со прашањето за минералните суровини и за потенцијалните рударски и индустриски капацитети.

„Здрава котлина“ повикува на масовно присуство и обединување против отворање нови рудници. Во својата објава, Здружението остро реагира на содржината на нацрт-просторниот план и тврди дека во планските решенија се предвидуваат рудници за метал во Иловица, Казандол и на други локации во Југоисточна Македонија.

Од „Здрава котлина“ оценуваат дека со ваквите плански решенија се отвора можност за пренамена на земјиштето во намена Г1 – тешка индустрија, при што особено предупредуваат за можните последици врз земјоделското земјиште и животната средина.

– Повелете масовно на јавната расправа! Дојде моментот да излеземе, да ги погледнеме в очи и директно да им кажеме што мислиме за нивните цртежи и планови. Ниту еден чекор назад! Сите в четврток во Струмица! – порачаа од Здружението.

Оттаму дополнително тврдат дека државата, преку просторниот план, создава правна и планска рамка за идно развивање рударски и индустриски капацитети во регионот. Овие наводи претставуваат ставови и тврдења на Здружението, кои се очекува да бидат предмет на дискусија и прашања во текот на самата јавна расправа.

Особено внимание во јавноста привлекува Иловица – Штука, каде што и претходно постоела официјална планска документација поврзана со рударски комплекс за бакар и за злато на територијата на општините Босилово и Ново Село. Слична планска историја има и локалитетот Казандол во Општина Валандово, за кој во минатото била изработувана документација за рударски комплекс за производство на катоден бакар. Во поширокиот регион, значајна е и локацијата Боров Дол, за која постои планска документација поврзана со експлоатацијата на бакарна минерална суровина, со опфат што ги засега Штип, Радовиш и Конче.

Сепак, самото присуство на одредена локација или минерална суровина во просторна или во планска документација не значи автоматски дека ќе биде изграден рудник на таа локација. За реализација на конкретен рударски проект, потребни се и други постапки, дозволи и исполнување законски услови.

Токму затоа се очекува една од клучните теми на денешната расправа да биде прашањето што точно предвидува новиот просторен план 2040 за конкретните локации во Југоисточниот Плански Регион, какви намени се предвидени, како се третира земјоделското земјиште и какви инфраструктурни зафати се планираат.

Особено значајно прашање за Струмичката Котлина е и заштитата на водите. Во подготовката на просторниот план се опфатени повеќе области поврзани со управувањето со водите, земјоделството, природата, инфраструктурата и со климатските промени. Оттука, граѓаните и засегнатите страни имаат можност да постават прашања за влијанието на планираните намени врз водните ресурси, земјоделството и животната средина.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ