Италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи, Антонио Тајани, денес изјави дека Европската Унија ќе одлучи кој ќе биде нејзин преговарач во евентуалните разговори со Русија за прекин на војната во Украина, откако рускиот претседател Владимир Путин за време на викендот изјави дека би сакал поранешниот германски канцелар Герхард Шредер да биде медијатор.
„Европа ќе избере европски преговарач, а не Русија“, рече Тајани по пристигнувањето на состанокот на Советот за надворешни работи во Брисел, објави Анса.
Тој нагласи дека тоа ќе биде одлука што ќе ја донесат заеднички сите 27 земји-членки на ЕУ.
На прашањето дали претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, би можел да биде преговарач на ЕУ, Тајани рече дека тсе работи за „почитувано име“.
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, исто така ја отфрли можноста за ангажман на Шредер.
„Ако ѝ дадеме на Русија право да назначи преговарач во наше име, тоа не би било многу мудро“, изјави Калас претходно денес.
Таа нагласи дека Шредер бил висок лобист за руските државни компании.












