понеделник, јуни 29, 2026
Дома СКОПСКА Општина Центар дава пари за санација на покриви и лифтови во згради

Општина Центар дава пари за санација на покриви и лифтови во згради

52

Општина Центар доделува субвенции за поправка и санација на постојните покриви на згради, но и за поправка и санација на постојните лифтови во нив.

За таа цел, веќе е распишан јавен повик.

Од Општина Центар информираа дека со оваа мерка е предвидена финансиска поддршка во висина од 30 проценти од вкупната вредност на инвестицијата, но не повеќе од 150.000 денари за поправка, санација и реконструкција на постојни покривни конструкции и до 300.000 денари за поправка и санација на лифтовите, додека преостанатите 70 проценти од средствата ги обезбедуваат сопствениците.

Право на учество имаат заедниците на сопственици или управители од Општина Центар чии станбени згради се постари од 15 години, со најмалку 70 % населени стана. Потребна е одлука со потписи од 50 % + 1 сопственик, како и комплетна документација според условите наведени во повикот (договори, понуди, фотографии, технички извештај и др.)

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, информира дека со оваа мерка продолжува поддршката за подобрување на условите за домување и унапредување на безбедноста на граѓаните.

– Сите станбени заедници во Општина Центар што имаат потреба од санација на покривите или од поправка на лифтовите можат да се пријават на јавниот повик. Нашата цел е да обезбедиме поголема сигурност, подобра функционалност и поквалитетно секојдневие за жителите во колективните станбени објекти – истакна Герасимовски.

Пријавите, со целосната документација, може да се доставуваат до 30 јуни 2026 година, односно до исцрпување на средствата предвидени во буџетот на Општина Центар за 2026 година, во архивата на Општина Центар, барака 6, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот или по пошта.

 

ИЗДВОЕНИ