вторник, јули 7, 2026
Дома КУЛТУРА „Свињи“ – претстава за рамнодушноста пред насилството; Премиера на Театар „Златен Елец“...

„Свињи“ – претстава за рамнодушноста пред насилството; Премиера на Театар „Златен Елец“ во Битола

13

„Свињи“ е дуодрамата од Томислав Зајец, а во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, која премиерно ќе се одигра утревечер (8 јули) во Центарот за култура во Битола. Претставата е во продукција на Театар „Златен Елец“, а во соработка со битолскиот Центар за култура. Во неа играат актерките Илина Чоревска и Викторија Степановска-Јанкуловска.

Инаку, ова е прво поставување на „Свињи“ на Зајец пред македонската публика, што е едно од најзначајните дела на современата хрватска драматургија. Преку специфичниот драмски јазик во кој се преплетуваат апсурдот, црниот хумор и гротеската, Зајец создава свет што истовремено е суров, поетичен и длабоко вознемирувачки.

Како што истакнуваат од Театарот „Златен Елец“, постановката го чита овој текст како современа општествена и психолошка алегорија што ги отвора прашањата за моќта, одговорноста, идентитетот, осаменоста, траумата, насилството и човековата потреба за бегство од реалноста.

Во центарот на приказната се две сестри, но нивниот однос е само појдовна точка за истражување на механизмите преку кои луѓето се обликуваат, оттурнуваат и стануваат производ на средината во која живеат. Ликовите, затворени во сопствените светови, стануваат одраз на нашата потреба да ги контролираме другите, да ги проектираме сопствените неуспеси врз нив и да создаваме реалности во кои насилството станува нормализирано, наместо препознаено како зло. Претставата не се обидува да осуди, туку да разбере. Таа истражува како осаменоста, траумите од детството, недостатокот на љубов и емпатија, како и наследените модели на однесување, го обликуваат човекот. Во својата суштина, зборува за тоа како насилството раѓа ново насилство и како општеството честопати прво ги оттурнува, ги напушта и ги заборава најранливите, а дури потоа ги осудува за луѓето во кои се претвориле, додаваат од „Златен Елец“.

Како што посочува режисерката Тамара Стојаноска, „Свињи“ е претстава што не бара од публиката да заземе страна, туку да остане со прашањата што ги отвора.

Зашто најстрашните облици на насилство не почнуваат со омраза, туку со рамнодушност, молчење и прифаќање на светот таков каков што е. Во тој простор помеѓу личната, колективната и театарската одговорност се наоѓа суштината на нашата претстава, да не понуди готови одговори, туку да е огледало на тоа како ги третираме луѓето околу нас и какво општество создаваме, вели Стојаноска.

Дизајнот на звук, избор на музика е на Лука Тошев, дизајнер на постер е Бојана Цилевска, изработката на маски е на Горан Спасевски, фотографиите на Јордан Звездоски, а продуцент на претставата е Бобан Алексоски.
Претставата репризно ќе биде изведена на 9 јули во рамките на манифестацијата „Бит фест“. „Свињи“ е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам. Ова е втора премиера на театарот „Златен Елец“ оваа година, по претставата „Теорема“ од П. П. Пазолини во режија на Мирко Радоњиќ што се одржа минатата недела во МКЦ во Скопје.

ИЗДВОЕНИ