Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се единствените автори од Македонија застапени со научен труд во новиот меѓународен зборник „Виртуелниот Андриќ“. Нивната студија „Андриќевиот разговор со Гоја: од факт до фикција“ е објавена на македонски јазик во изданието приредено од Бранко Тошовиќ.
Зборникот е дел од меѓународниот проект „Andrić-Initiative: Иво Андриќ во европски контекст“, кој поврзува истражувачи од различни научни средини во проучувањето на нобеловецот. Меѓу издавачите се Институтот за славистика при Универзитетот „Карл Франц“ во Грац и Комисијата за стилистика при Меѓународниот славистички комитет. Заедничкото истражување на Мојсова-Чепишевска и Антоновски претходно беше претставено на меѓународниот научен симпозиум „Виртуелниот Андриќ“ во Мадрид.
Трудот ги поврзува Андриќевите текстови „Гоја“ и „Разговор со Гоја“, проследувајќи како шпанскиот сликар Франциско Гоја од историска личност се преобразува во книжевен соговорник. Во толкувањето на двајцата автори, пишувајќи за Гоја, Андриќ ги обликува и сопствените погледи на уметноста, во кои се навестуваат начела на неговото подоцнежно творештво. Замислената средба меѓу писателот и сликарот така станува простор во кој се препознаваат Андриќевите размислувања за творењето и за положбата на уметникот.
Соработката на Мојсова-Чепишевска и Антоновски во истражувањето на делото на Андриќ продолжува со новиот труд „Андриќ во сеќавањата на Лазар Личеноски и Блаже Конески (сеќавањето како разговор)“. Тој ќе биде претставен на XVIII меѓународен симпозиум „Андриќ говореше“, кој ќе се одржи од 20 до 23 јануари 2027 година во Париз, Стразбур и Марсеј. На собирот со свои истражувања ќе учествуваат и Славчо Ковилоски и Марина Цветаноска, со што македонската книжевна наука ќе биде застапена преку повеќе теми и истражувачки пристапи.
Двајцата автори учествуваат и во други меѓународни научни проекти на Комисијата за стилистика при Меѓународниот славистички комитет, координирани од Бранко Тошовиќ.
Во македонскиот дел од проектот за современа јужнословенска метастилистика и метапоетика го подготвија заедничкото поглавје за периодот од 1990 до 2025 година во колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“. Во проектот „Поетички, стилистички и лингвистички атлас на словенските книжевности“ се вклучени со истражување на најраната творечка фаза на Блаже Конески и нејзиното место во современата македонска поезија.












