На 37. меѓународен филмски фестивал во Љубљана (LIFFe), режисерката Косара Митиќ ја прими наградата „Кингфишер“ за македонскиот филм „17“. Наградата за најдобар филм во натпреварувачката селекција „Перспективи“ е доделена по избор на меѓународното жири.
Во своето образложение, жирито напиша:
– Болката и осаменоста што ги носи доаѓањето на овој свет, а потоа и растењето без некој да ти го покаже патот, обележуваат цела генерација млади луѓе, во голема мера препуштени самите на себе. Нивниот осамен пат, исполнет со гнев и очајнички повик за помош, ја носи симболичната тежина на едно општество во распаѓање. Раскажан од перспектива на тинејџерка, филмот е мајсторско остварување. Тој се доживува со целото битие: интимните крупни планови го вовлекуваат гледачот во бурниот свет на девојката и му овозможуваат да го почувствува со сета негова силина. Приказната за растењето прераснува во експлозивна, катарзична одисеја што останува во сеќавањето долго по одјавната шпица. Емотивниот впечаток е длабок, а актерската игра е брилијантна. Секој миг делува неминовен, а филмот уште од самиот почеток ве вовлекува во својот вител. Сурово, потресно филмско патување што целосно ве обзема.
„17“ во Љубљана ја освои и наградата ФИПРЕСЦИ од меѓународното жири на филмски критичари.












