Синоќа, на 32. „Фестивал на авторски филм“ (ФАФ) во Белград, филмот „Сестра, брат и шахта“ на Милчо Манчевски имаше европска премиера. Публиката дишеше со филмот, гласно реагираше на комичните и емотивни сцени, а на крајот ги поздрави режисерот Манчевски, актерите Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Ана Костовска и Марин Гавриловски, продуцентот Јане Ќортошев, копродуцентот Милан Стојановиќ, како и филмските работници од Србија, кои учествуваа во снимањето во Македонија. По премиерата, Манчевски и екипата одговараа на прашања пред публиката
Најновиот филм на Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“, вчеравечер, на 32. „Фестивал на авторски филм“ (ФАФ) во Белград, ја имаше својата европската премиера.
Како што пишува ПР-тимот на филмот, белградската публика со овации го поздравила филмот во преполната сала каде што гледачи седеле и на подот, а бројни љубители на делото на Манчевски останале и пред влезот затоа што проекцијата била распродадена. Во публиката беа и македонскиот амбасадор во Србија, проф. д-р Никола Тупанчески, директорот на фестивалот Срдан Голубовиќ, режисерите Срѓан Драгојевиќ, Дарко Бајиќ и Недељко Ковачиќ…

– Публиката дишеше со филмот, гласно реагираше на комичните и емотивни сцени, а на крајот ги поздрави Манчевски, актерите Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Ана Костовска и Марин Гавриловски, продуцентот Јане Ќортошев, копродуцентот Милан Стојановиќ, како и филмските работници од Србија, кои учествуваа во снимањето на филмот во Македонија. По премиерата Манчевски и екипата одговараа на прашања пред публиката, а претходно имаа и прес-конференција, како и десетина интервјуа за српските медиуми, додаваат оттаму.


Во среда, пак, во Торино ќе се случи италијанската премиера на долгометражниот документарен филм „Добри луѓе“, кој Манчевски го сними за трагедијата во Кочани. Филмот се прикажува во официјалната програма вон конкуренција, а директорот на фестивалот, Џулио Базе, на прес конференцијата со која ја најави годинашнава програма го нарече „најемотивен филм на годинашното издание на фестивалот“. Филмскиот фестивал во Торино важи за втор најважен фестивал во Италија, по Венецијанскиот. „Добри луѓе“ е финансиран приватно од Манчевски и сите приходи одат за настраданите во Кочани.
Инаку, „Сестра, брат и шахта“ овој месец триумфираше во Токио, освојувајќи гран-при на фестивалот. Со тоа, овој филм стана првиот македонски лауреат што освои главна награда на фестивал од А-категорија по „Пред дождот“ во 1994 и само втор филм во историјата на Македонија, победник на фестивал од А-категорија.
Минатата недела „Сестра, брат и шахта“ доживеа успех и на фестивалот во Каиро, каде што беше прикажан во официјалната програма, вон конкуренција, а Манчевски учествуваше во долг разговор со публиката и даде десетици интервјуа за локалните и за светските медиуми.
Бројни меѓународни критики и рецензии го нарекуваат филмот „потресен“, „самоуверен“, „остра социјална опсервација“, „ексцентричен“, „прекрасно изработен“, „игрив“, „непредвидлив, со љубов изработен, чиста радост“, „потресна и пресмешна ода за двајца аутсајдери“, „духовит и искрен“, „вознемирува и опчинува“, „врвна глума“…
„Сестра, брат и шахта“ е комедија за богати и сиромашни, лута сатира, но и суптилна психолошка студија за брат и сестра, кои живеат надвор од тековите на општеството. Филм за антихерои кој – во неповторливиот стил на Милчо Манчевски – си поигрува со жанровските класификации, мамејќи и солзи и смеа. Иако се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.
Ова е негов деветти долгометражен филм, а осми игран филм, снимен во иста година со документарецот „Добри луѓе“.
Главните улоги ги играат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Симона Спировска, Виктор Арсов, Марина Поп-Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски. Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е Стефано Фаливене од Италија. Монтажер на филмот е Благоја Неделковски, а автор на музиката Игор Василев Новоградска. Кастинг-директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, а шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев.
Филмот се снимаше со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје. Копродуценти се „Гала филм“ од Бугарија, „Сенс продакшн“ од Србија, „Амаркорд продакшн“ и „Аугустус колор“ од Италија, „Беркли медија груп“ од Англија и Филмскиот институт од Тирана, Албанија. Освен македонската Агенција за филм, филмот го помогнаа и националните филмски фондови од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија.
Фото: ФАФ промо тим












