Да се најде добар и доверлив мајстор денес е вистински предизвик за многу граѓани. Со недели чекаат за мала поправка, а често до последен момент не знаат колку ќе ги чини услугата и дали ќе биде почитуван договорот. Потрошувачите бараат поголема транспарентност, јасни понуди, гаранција за извршената работа и одговорност доколку не биде направено нешто како што треба. Велат дека се подготвени да платат и повеќе за квалитет, но сакаат сигурност дека ќе добијат професионална услуга. Добар мајстор, според нив, денес не се бара само по знаење туку и по доверба и коректност

 

Да се најде добар мајстор во Македонија, за многу граѓани станува вистински предизвик. Од ситни поправки во домот до поголемо реновирање, искуствата што се споделуваат на социјалните мрежи најчесто се сведуваат на неколку исти проблеми: долго чекање, недостиг на јасни понуди, различни цени за иста работа и неизвесност дали ќе биде почитуван договорот.

– Мајсторите тешко се фаќаат. Кога, конечно, ќе најдеш некој што може да дојде, следното прашање е колку ќе чини и дали ќе заврши како што е договорено – велат граѓаните што споделуваат искуства во онлајн групи и форуми.

Проблемот, според нив, не е само во цената туку и во недостигот на правила и јасна одговорност.

– Кој ми дава гаранција за монтажата? Ако се расипе нешто по неколку недели, кому да му се обратам? Кој ги штити моите права како потрошувач? – прашуваат граѓаните.

Дополнително, многумина се соочуваат со прашањето дали воопшто постои формална евиденција за извршената работа.

– Ќе има ли работен налог? Ќе биде ли запишано што е направено, кои материјали се користени и дали постои некаква гаранција? Во моментов, најчесто сè останува на устен договор – коментираат корисниците.

Еден од најчестите коментари на граѓаните е дека мајсторите не се заинтересирани за помали интервенции. Поправка на чешма, замена на прекинувач, монтажа на полица, ситна поправка на плочки или поправка на уред – за многумина станува задача што може да трае со недели.

– Никој не сака да дојде за мала работа. Ќе ти кажат дека немаат време и дека ќе се јават кога ќе бидат послободни, а ги нема да се јават. Кога ќе им заѕвониш втор пат, не се јавуваат или, пак, повторно даваат нов рок за чекање – вели еден скопјанец од Ново Лисиче, кој чекал два месеци да дојде некој од мајсторите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и да му го смени вентилот на водомерот во станот и платил 2.000 денари за тоа.

Граѓаните посочуваат дека цените често се непредвидливи.

– Ќе прашаш колку чини услугата, ќе добиеш еден одговор, а кога ќе заврши работата, сумата е друга. Цените како да се вадат од ракав – велат тие.

Недостигот на квалитетни и достапни изведувачи не е проблем само во Македонија. Во регионот, корисниците сè почесто посочуваат дека најголем предизвик не е само наоѓањето човек што знае да работи туку и наоѓањето некој што ќе се придржува кон договорот. Граѓаните велат дека денес се подготвени да платат и повеќе, но бараат сигурност.

„Emajstor“, дигитална платформа во Хрватска што ги поврзува инвеститорите и изведувачите на работи и го олеснува наоѓањето проверени мајстори, спроведе кратка анкета меѓу корисниците на платформата со цел да истражи што им е најважно на луѓето денес при изборот на изведувач и со какви предизвици најчесто се соочуваат.

– Добриот мајстор вреди злато. Само проблемот е што денес е најтешко да го најдеш – коментираат некои.

Исто така, една од честите реакции е дека „не ми е проблем да платам повеќе ако знам дека ќе дојде мајсторот навреме, ќе ја заврши работата квалитетно и ќе стои зад тоа што го направил“.

Резултатите покажуваат дека најголем проблем при наоѓањето мајстор е токму несигурноста во изведувачите. Многумина посочуваат дека најевтиниот мајстор на крај може да излезе најскап.

– Проблемот е што ќе платиш повеќе, а повторно немаш никаква гаранција.

Порано, најчест начин за избор на мајстор бил препорака од роднина или од пријател. Денес граѓаните сè повеќе бараат дополнителни информации: фотографии од претходни работи, оцени од други корисници и искуства споделени на Интернет.

Во фејсбук-групите посветени на мајстори, реновирање и домување, најчесто се појавуваат прашања од типот: „Ми треба добар мајстор, кого го препорачувате?“, „Има ли некој проверен електричар?“, „Дали работел некој со овој мајстор?“, „Колку ви наплатија за оваа работа?“

Но, покрај препораките, чести се и предупредувањата: „Договоривме едно, на крај излезе друго“, „Дадов капар, потоа престана да се јавува“, „Чекав повеќе од еден месец за нешто што требаше да трае два дена“.

На крајот сè се сведува на тоа дека зголемената побарувачка за градежни услуги, недостигот на квалификувани работници и сивата економија создаваат простор за незадоволство кај потрошувачите, кои бараат поголема професионализација на услугите.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ