понеделник, ноември 23, 2026
Дома СВЕТ Во Европа не се води војна, барем не со оружје: Кибернападите сè...

Во Европа не се води војна, барем не со оружје: Кибернападите сè почести и поопасни

0
EPA/ERIK S. LESSER

Eвропското здружение за дигитална индустрија „Диџитал Јуроп“ со седиште во Брисел регистрираше 16 безбедносни инциденти низ Европа, помеѓу 18 октомври и 18 ноември. Ова покажува дека нападите врз ладилниците на европските супермаркети се дел од поширок проблем. Истражувачите уште не знаат кој стои зад овие инциденти, ниту, пак, која била целта на напаѓачот

 

Eвропското здружение за дигитална индустрија „Диџитал Јуроп“ со седиште во Брисел регистрираше 16 безбедносни инциденти низ Европа, помеѓу 18 октомври и 18 ноември. Единаесет инциденти вклучуваа кибернапади, додека преостанатите пет се однесуваа на физички инциденти, вклучувајќи два плана за саботажа.

Во Норвешка, хакерите ги презедоа ИТ-системите на енергетска компанија. Во Германија, тие ја парализираа службата за итни случаи на окружна болница, додека во Данска и во Германија беа украдени податоците на компанија за изградба на тунели. Беше нападната и неименувана институција на Европската Унија, во која престанаа да работат системите за управување со вработените, платите и медицинската нега. Во одделен инцидент, беа објавени лични податоци на 18-мина високи функционери од Италија, Германија и од Холандија. Откриен е шпионски софтвер во е-поштата на романската Влада.

Еден од најтешките финансиски напади се случи во Франција, каде што беа украдени околу 100 милиони евра од банка. Напаѓачите добија пристап до банкарските системи преку еден од набавувачите на банката. Во Италија, беа компромитирани повеќе од 700 кориснички сметки на финансиски и технолошки услуги, додека напаѓачите украдоа податоци од застарениот систем на данска бродска група. Проблемите не беа ограничени само на компјутерите и на базите на податоци. Околу 80 авиони ги загубија ГПС- сигналите над Северното Море, беспилотните летала ја принудија Молдавија да го затвори својот воздушен простор, а лажните закани за бомби прекинаа повеќе од 35 лета низ Европа.

– Отпорноста повеќе не е само работа на ИТ-одделот. Тоа е прашање на безбедноста и на индустриската политика – рече Сесилија Бонефелд-Дал, извршен директор на „Диџитал Јуроп“.

Ова здружение предупредува дека не е комплетен нивниот список. Само групите што користат софтвер за уцена, т.е. ransomware, објавуваат податоци за десетици нови жртви во Европа секој месец.

Ова покажува дека нападите на ладилниците на маркетите што се случија на почетокот од месецов се само дел од многу поширок проблем. Како што е познато, хакери ја подигнаа температурата во ладилниците на маркети во Германија, Италија, Холандија, Белгија, Романија и во Шведска до 50 Целзиусови степени, поради што мораше да се фрлат тони храна. Европскиот комесар за земјоделство и храна, Кристоф Хансен, ги нарече овие напади „намерен обид за нарушување на нашиот синџир на снабдување со храна“. Хакерите си „поиграа“, зголемувајќи ја температурата и во ладилниците на неколку банки за крв во Франција и во Велика Британија. Она што особено загрижува во врска со сите овие инциденти е тоа што никој досега не ја презема одговорноста за нив. Истражувачите уште не знаат кој стои зад нив, ниту, пак, која била целта на напаѓачот, пишува „Еуроњуз“.

 

 

ИЗДВОЕНИ