Концерт што не смеете да го пропуштите! Омилената македонска народна песна повторно ќе се разлее со својот најавтентичен сјај, и тоа ова лето, на автентична сцена на Античкиот театар во Охрид. Се работи за концерт на една од ретко добрите македонски фолк-пејачки, Елена Андоновска, која на 4 август 2026 година ќе има солистички концерт, насловен „Од Македонија во туѓина“.
Најинтересно е што ќе ѝ биде посветен овој настан на легендарната Васка Илиева, доајен на македонската народна песна.
Со овој концерт, Андоновска ќе ѝ оддаде искрена почит на жената што со својот глас, препознатливата интерпретација и со богатиот музички опус остави неизбришлива трага во македонската музичка култура. Васка Илиева со децении беше амбасадор на македонската народна песна, а нејзините безвремени хитови и денес се пеат со истата љубов, воздишки, почит и емоции насекаде во светот, секако, најмногу во македонската дијаспора. Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избраните песни. Сега во интерпретација на Елена Андоновска, која, нема сомнеж, ќе ги испее емотивно, допирајќи ги срцата на присутните. Така што концертот „Од Македонија во туѓина“ нема да биде само обична музичка вечер туку и настан обоен со силна културна и национална порака: да се зачува, негува и афирмира македонската традиција. Да ѝ се оддаде заслужена почит на една од најголемите музички легенди и да се поттикнат новите генерации да ја продолжат љубовта кон народната песна.
Онака како што го правеше тоа легендата Васка. Со топлина и со љубов кон Македонија.
(Д. М.)












