четврток, јуни 18, 2026
Дома МАГАЗИН Светски ден на слободата на медиумите: Демократијата не може да постои без...

Светски ден на слободата на медиумите: Демократијата не може да постои без слободни медиуми, порачуваат од ЕУ

106

Светскиот ден на слободата на медиумите е вопоставен врз основа на одлука на Генералното собрание на Обединетите нации и по препорака на Генералното собрание на УНЕСКО од 1991 година. Се одбележува од 1993 година, секогаш на 3 мај, а целта е да се промовира принципот на слобода на медиумите, да се истакне важноста на заштитата на медиумските слободи и борбата против сите форми на влијание врз медиумите, како и да се потсети на медиумските работници кои ги загубија животите при вршење на својата работа.

Во соопштението на Европската Унија се наведува дека демократијата не може да постои без слободни медиуми, и дека пристапот до информации и слободата на изразување не се привилегии, туку основни човекови права.

ЕУ предупредува дека ширум светот е сè поизразено насилството врз новинарите, вклучувајќи убиства, повреди, закани, произволни апсења и присилни протерувања. Посебно се истакнува дека новинарките се несразмерно често мети на родово засновано насилство, вклучувајќи и онлајн вознемирување.

Како што се наведува, 2025 година беше најсмртоносната за новинарите на глобално ниво, а убиствата и нападите врз медиумските работници, вклучувајќи ги и оние во војната на Русија против Украина, како и во војните на Блискиот Исток, особено во Појасот Газа, Либан и Африка, мора да бидат темелно истражени, а одговорните казнети.

Во соопштението исто така се предупредува дека правото на информирање е сè повеќе загрозено, со раст на притисоците како што се застрашувањата и тужбите за застрашување на јавноста (SLAPP), кои поттикнуваат автоцензура кај новинарите. ЕУ ја осудува репресијата врз новинарите од страна на авторитарните режими ширум светот, вклучувајќи го насилството и притисоците во Иран.

„Владите мора да воспостават цврста правна рамка за да ги заштитат новинарите од злоупотреба на судските постапки. Ограничувањето на мрежите на странски дописници денес само остава поголем простор за ширење опасни и непроверени информации. Истовремено, поединечни канали кои се претставуваат како медиуми шират лажни вести и ги пренесуваат ставовите на властите, наместо да ги повикуваат на одговорност. Последица на тоа е што граѓаните се сè повеќе изложени на пропаганда и дезинформации, кои се претставуваат како вести“, се додава во соопштението.Европската Унија истакнува дека ќе продолжи да го поддржува слободното, плуралистичко и квалитетно новинарство преку соработка со организации како Европскиот фонд за демократија, Обединетите нации и УНЕСКО, како и со регионалните тела како Советот на Европа и ОБСЕ.

За првпат во историјата на мерењата, повеќе од половина од земјите во светот сега се класифицирани во категориите „тешка“ или „многу сериозна“ состојба. Кога законите се користат за да се замолчат критичките гласови, а не да се заштитат, тогаш демократијата ја губи својата „контролна кочница“.

По неколку години брз напредок, Македонија почна да стагнира и да паѓа на светските листи. Според најновиот индекс на „Репортери без граници“ за 2026 година, Македонија се наоѓа на 45-то место, што претставува пад за три места во однос на 2025 година (кога беше 42-ра) и пад од девет места во однос на 2024 година (кога беше на високото 36-то место).

Главни причини за падот се враќање на државното рекламирање, Измените во законот со кои се овозможи државни пари повторно да течат во приватните медиуми се оценети како ризик за „купување“ на уредувачката политика.

Забележан е пораст на вербални напади и арогантен однос на високи функционери кон новинарите, што создава непријателска атмосфера.
Загрижува ширењето на лажни вести и недостатокот на професионализам кај дел од медиумите, особено порталите кои ја подриваат довербата на јавноста.

Состојбата во Македонија не е изолиран случај. Во 2026 година, слободата на медиумите во светот е на историски најниско ниво.

 

ИЗДВОЕНИ