Јавен обвинител од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против двајца вработени во Основниот кривичен суд Скопје – судски полицаец и доставувач, поради сомнение дека примале пари за противзаконито влијание врз судски постапки.
Според обвинителството, во период од август 2025 до 7 април 2026 година, двајцата осомничени од сведок примиле вкупно 500 евра и 60.000 денари, ветувајќи дека ќе посредуваат за да се издејствува ослободителна пресуда.
Случајот започнал откако сведокот, незадоволен од првостепената пресуда со која бил осуден на една година затвор, преку сосед стапил во контакт со доставувачот. Тој, пак, го поврзал со судскиот полицаец, претставен како човек со долгогодишно искуство и влијание во судството.
Убеден дека може да му помогне, сведокот во текот на 2025 година му предал 500 евра на доставувачот, со цел парите да стигнат до судија во Апелациониот суд Скопје и да обезбедат ослободителна пресуда.
Во 2026 година, сведокот дополнително му исплатил 30.000 денари на судскиот полицаец како „награда“ за посредување. Но, Апелациониот суд ја потврдил првостепената пресуда.
И покрај тоа, откако бил поднесен вонреден правен лек до Врховниот суд, сведокот на 7 април му дал уште 30.000 денари на полицаецот за наводно влијание врз судиите кои треба да одлучуваат по предметот.
Обвинителството побарало притвор за двајцата осомничени. Судот одлучил да му одреди 30-дневен притвор на судскиот полицаец, додека доставувачот добил куќен притвор.












