Од тројца обвинителки во игра, Владата направи избор – нов државен обвинител да биде судијата Ненад Савевски од Кривичниот суд во Скопје. Тој функцијата ќе ја извршува во следните шест години, откако мандатот му беше прекинат на поранешниот државен обвинител Љупчо Коцевски. Предлогот кој Владата го донесе на седница ќе биде испратен до Собранието, каде за неговиот избор е потребно да гласаат најмалку 61 пратеник.
Според професионалната биографија на Савевски- во 2016 е избран за судија во Основниот кривичен суд во Скопје, а претходно работел и како јавен обвинител во Гостивар, од каде е родум. Доби позитивна оценка од сите членови на Советот на јавните обвинители, а негова конкуренција беа актуелната вршителка на должност во републичкото обвинителство, Анита Тополова Исајловска, обвинителките Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ. Кругот за избор се стесни по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека Ристоска не е во игра.
Портарпаролката Марија Митева рече дека при изборот, Владата имала конструктивна дискусија. Се разгледувале сите аспекти, а за Савевски процениле дека е најдобриот кој ќе го врати позитивниот имиџ на институцијата државен јавен обвинител, изгубен од претходниот раководител.
„Направивме внимателна анализа на резултатите и искуствата на сите кандидати, заклучивме дека судијата Ненад Савевски поседува професионални квалитети, ќе ја зајакне институцијата и ќе ја зацврсти на довербата во јавноста,рече на прес конференција владината портпаролка Митева. Претходно го прочита професионалното искуство на избраникот.
– Член е на работни групи за судски и законски реформи. Работел на проекти за посебни истражни мерки, притвор и за кривична постапка. Од академската кариера, Савески е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, прочита Митева.
Името на судијата Савевски, јавноста го запозна не толку по случаите кои ги судел, колку по писмото што и го испрати на членката на Судскиот совет, Антоанета Димовска кога за вршител на должност на скопска единица ја предложи и подржа актуелната Даниела Димовска, судијката чиј брат е даночникот од УЈП, осомничен во еден од случаите за „Пулс“.
– Срам сте за судиите кои гласале за вас! Кој ви даде право во наше име да кршите закон? Зошто согласно законот не го бирате најдобро оценетиот судија? Или за тебе законот е најмалку битен? Таму кај што седите нè претставувате нас, судиите! Зошто најсветото нешто за нас судиите го газите? Немате право на тоа! Противправно однесување е недозволиво за некој што е судија! Одете си од таму веднаш и престанете да им штетите на судиите! Брука си! Брука за судиите и за вашето семејство во кое сите се правници“, и напиша Савевски на Димовска откако не ја доби поддршката за ВД претседател на судот.
Новиот закон за јавно обвинителство помина во прво читање, Опозицијата бара повеќе гаранции за независност на обвинителите
Савевски многу веројатно ќе биде последниот државен обвинител избран по стариот закон за јавно обвинителство, откако вчера на собраниската седница, сите присутни пратеници го поддржаа новиот закон кој е дел од Реформската агенда. Образложувајќи го Предлог-законот пред пратениците, министерот за правда, Игор Филков истакна дека со законот се воведува јасен мерит-систем за избор, унапредување и оценување на обвинителите, се зајакнуваат гаранциите за нивната самостојност, а се подобрува и организацијата на работата на обвинителствата.
– Се зајакнува транспарентноста во постапката за избор на Државниот јавниот обвинител преку јавна седница на Советот на јавни обвинители, презентација на програмите на кандидатите и јавно објавување на нивните биографии. Се воведува и појасна и поефикасна дисциплинска постапка, со рокови за постапување и механизми за спречување злоупотреби на дисциплинските постапки, истакна пред пратениците Филков.
Опозицијата која иако го поддржа законот во прво читање, сепак рече дека ќе поднесат амандмани заради обезбедување на независноста кај обвинителите. Соња Мираковска од НСДП побара државниот обвинител да се избира и разрешува со квалификувано мнозинство во Собранието. Се сомнева дека новата хиерархија која ја предвидува новиот закон ќе му обезбеди на идниот обвинител концентрација на моќ со која ќе ги „дисциплинира“ обвинителите во самостојноста при одлучувањето.
„Овој закон најмалку обезбедува независнот кај обвинителите, поготово кога треба професионално да одлучуваат за случаи врзани со луѓе од власта. Викате јавнообвинителската служба ќе биде независна, како кога од една страна ја маргинализирате улогата на Советот на ЈО, а од друга воведувате силна хиерархија и концентрација на моќ кај државниот обвинител. Законот ги доведува во подредена состојба останатите обвинители, да се чуваат од две лоши оценки и разрешување. Од реформски закон ќе имаме замолчување на обвинители, предупреди Мираковска.
Правда: со реформите се воведува мерит-систем и поголема транспарентност
Од Министерството за правда целат дека новиот предлог-закон за јавно обвинителство предвидува реформи во изборот, одговорноста и кариерата на јавните обвинители со цел да се зајакне независноста и отчетноста на обвинителството. Со законот се воведуваат појасни критериуми за избор и унапредување, засилена улога на Советот на јавни обвинители и построги механизми за дисциплинска одговорност. Државниот јавен обвинител и понатаму го избира Собранието со мандат од шест години, додека останатите обвинители ги избира Советот на јавни обвинители врз основа на мерит-систем. Законот предвидува и прецизирани процедури за разрешување, како и мерки за поголема финансиска и институционална независност на обвинителството. (П.А.)












