– Старите предмети од нашата фолклорна традиција некогаш биле во употреба, а денес ја загубиле својата употребна вредност и се сведоштво на едно минато време. Преку нивното претставување на моите слики, се обидувам, од една страна, да потсетам на тоа огромно културно историско богатство што сме го наследиле и да го зачувам од заборав, а, од друга страна, да демонстрирам ликовни вредности – вели во разговор за весникот ВЕЧЕР гевгелискиот уметник Драги Хаџи-Николов-Аџи. Академскиот сликар, кој оваа година полни 70 години и одбележува 50 години уметничка дејност, е претставник на т.н. гевгелиска ликовна школа

Во неколку пригоди по повод отворањето на ликовни изложби од гевгелиски уметници од страна на академик Георги Старделов и д-р Димитар Ќорнаков, се споменуваше дека веќе може да се зборува за гевгелиска ликовна школа. Да се сфати оваа синтагма, значи да се осмислат делата на Георги Хаџи Наков-Гисник и на Зафир Хаџимитров-Фирчо, па преку сликарите од средната генерација, сè до најмладите ликовни уметници.

Претставник на онаа средна генерација е Драги Хаџи-Николов-Аџи, роден во Скопје, во 1956 година, кој има дипломирано сликарство на ФЛУ во Скопје, а живее и твори во Гевгелија. Тој оваа година полни 70 години и слави 50 години уметничка дејност. Неговите дела ги има претставено на десетина самостојни и на над седумдесет групни изложби во Македонија и во странство. Три негови дела, од кои едното е портрет на Јоаким Крчовски, се изложени во Македонската академија на науките и уметностите, а едно негово дело е откупено од Етнолошкиот музеј на Македонија. За неговите дела, Јордан Плевнеш има кажано: „Во неговото сликарство се чувствува најголемата духовна вертикала на она што го донесе европското сликарство во светската историја. Преку неговите дела, се крие македонската света тајна, која ние му ја нудиме на светот, творештво во кое се открива нашиот бит како неразлично единство на народно ракотворната сакрална уметност“. Повод за разговорот за весникот ВЕЧЕР со сликарот Хаџи-Николов-Аџи е токму одбележувањето 50 години уметничко творештво.

Родени сте во Скопје, живеете во Гевгелија, кажете ни нешто повеќе за Вашето детство и за Вашето образование.
Во Скопје сум роден случајно, како најмал од четворицата синови на моите родители, кои потекнуваат од старата гевгелиска фамилија Хаџи-Николови. Детството го поминав како и сите деца, во безгрижни палави игри по гевгелиските улици и дворови, уживајќи во сончевата Гевгелија, распослана помеѓу планината Кожуф и реката Вардар. Основното и средно образование ги оформив во Гевгелија, а Факултетот за ликовни уметности, отсек сликарство, го завршив во Скопје, во класата на професорот Душан Перчинков.

Кој беше оној пресвртен момент кога се вљубивте во сликарството?
Ме привлекуваше цртањето уште во основното училиште, но кога учев во гимназијата, во Народниот театар се отвори ликовна секција во која се зачленив и мислам дека тоа членување ме поттикна посериозно да размислувам за сликарството. Тука морам да ги споменам двајцата мои колеги сликари, кои на некој начин ме воведоа во тајните на ликовната уметност – Јордан Јанев и Ѓорги Зарлинов. Исто така, голем удел во тоа што сум денес има и мојот постар брат, Димитар, кој беше неверојатно талентиран и кој ме „повлече“ да му се препуштам, најнапред на цртањето, а подоцна и на сликањето.

Се сеќавате ли на Вашата прва самостојна изложба?
Можеби звучи чудно, но првата изложба ја имав кога бев четврта година во гимназијата во Гевгелија. Тогаш беа изложени дваесетина мои дела во холот на Народниот театар.

Вашиот сликарски израз е многу специфичен и кога еднаш ќе се сретнеме со Вашите слики, секогаш ќе знаеме кој е авторот. Академик Влада Урошевиќ за Вас има кажано дека ако треба накратко да се дефинира Вашето сликарство, тогаш би кажале дека тоа е сликарство на носталгијата. Од каде таа фасцинација од мртвата природа и особено од старите предмети што се присутни во Вашите слики?
Токму така, тие предмети во моите слики се, всушност, дел од моето детство. Овие стари предмети од нашата фолклорна традиција некогаш биле во употреба, а денес ја загубиле својата употребна вредност и се сведоштво на едно одминато време. Преку нивното претставување на моите слики, се обидувам, од една страна, да потсетам на тоа огромно културно-историско богатство што сме го наследиле и да го зачувам од заборав, а, од друга страна, да демонстрирам ликовни вредности (елементи и принципи).

Како се раѓа една Ваша слика, како ја наоѓате инспирацијата, ја имате во главата или?…
Би рекол дека самиот чин на сликање е еден мисловен процес. Никогаш не сум практикувал работа што интуитивно би ја развивал без никаков концепт во мојата глава. Мотивот е секогаш повод за да се постигне онаа ликовна сензација што ја манифестира секој автор индивидуално како свој ликовен ракопис. А, инспирацијата во превод би значела желба, а дали вие ја барате или таа ве бара вас е релативна работа.

Колку Ве исполнува сликањето во овие години и се врзувате ли емотивно за Вашите слики?
Ме исполнува сосема, со самото тоа што и на оваа возраст јас сè уште трагам и експериментирам во моето сликарство. Сакам да кажам дека, барем што се однесува до ликовните автори, тие се како и виното, колку е постаро толку е подобро, се разбира со исклучоци. Што се однесува до врзувањето со моите слики, би рекол дека секој сликар поминува низ повеќе фази во својот живот и во творечкиот опус, песимистички или оптимистички. Затоа јас се обидувам да не се врзувам емотивно за моите слики.

Дали ќе ги одбележите Вашите два големи јубилеи (70 години и 50 години уметничка дејност) со самостојна изложба?
Има време до крајот на годината, но, да, размислувам за една таква изложба со која ќе го одбележам овој значаен јубилеј за мене.

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

ИЗДВОЕНИ