недела, јули 12, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Судија пред судија: почна процесот против Ѓоко Ристов за перење пари и...

Судија пред судија: почна процесот против Ѓоко Ристов за перење пари и непријавен имот

2190

Тешко дека некој од новинарите на прв поглед ќе го препознаеше судијата Ѓоко Ристов кога го донесе судската полиција во судницата број „23“ во Основниот кривичен суд. Видно ослабен, тој не го погреши столчето кога седна на местото за обвинети. Процесот го суди неговата „довчерашна“ колешка, судијката Билјана Коцевска, со која судеше во пар во неколку кривични предмети. Обвинителството треба да ја убеди Коцевска дека 350. илјади евра соѕидани зад кујната во домот на родителите на Ристов се од сериозни сомнежи за поткуп и трговија со влијание.

Обвинителката Искра Хаџивасилева го почна воведниот збор цитирајќи го американскиот политичар Хенри Кесиџер.

– Луѓето мислат дека одговорноста е тешка за носење. Не е. Понекогаш токму отсуството на одговорност е потешко за поднесување. Тогаш човек чувствува голема немоќ – почна обвинителката, гледајќи од спротивната страна, каде што седеа обвинетиот судија и неговите двајца адвокати.

Обвинителката кажа дека Ристов свесно презел дејства спротивно на одговорноста на која го повикува судската тога и оти неговите дејства ја покажуваат системската корупција во секоја пора на општеството. Судијата лажел за својата имотна состојба, која не била сразмерна со платата што ја земал, вели Хаџивасилева.

– Ние ќе ја докажеме неговата намера за лажење. Тој противправно стекнал и не пријавил 450 просечни плати во ѕид или 350.000 евра. Тоа ги надминува неговите месечни приходи. Никогаш не го пријавил тој имот, зашто нема законска основа за нивното потекло. Тоа нè носи кон второто дело – перење пари. Беа завиткани во фолии во банкноти по 500 и по 200 евра, закопани во дупки во цигли и зад плочки и зад кујнски елементи, на вториот кат, со посебен влез. Ги скрил на иновативен начин. Тој често одел таму, во семејната куќа во Неготино. Парите потекнуваат од трговија со влијание, ние ќе го докажеме тоа. Обвинетиот даде лажни податоци и не се покаја – кажа обвинителката во воведниот збор.

Таа нагласи дека судијата лажел во истрагата и оти Обвинителството ќе докаже индивидуална одговорност, која требало да му биде свет принцип во судиската функција што ја извршувал.

– Не се чувствувам виновен за кривичните дела – кажа Ристов на прашање на судијката за обвинението за перење пари и противправно стекнување и прекривање на имот.

Во својот воведен збор, обвинетиот судија најави дека ќе ги побива двете кривични дела.

– Чувањето пари не е дејство на кривично дело – вели Ристов.

Тој потсетува дека парите се најдени во домот на родителите, а записникот за одземање го потпишал неговиот татко.

– За да има кривично дело перење пари, тие треба да бидат пуштени во платен промет, односно нечистите пари да станал легални, казниво е самото вклучување на парите во промет и нема дело додека некој не ги пушти во оптек – рече Ристов.

Во однос на делото противправно стекнување и непријавување имот, цитирајќи го членот од Кривичниот закон, кажа дека тој не е директор на јавно претпријатие и не можел да го оштети државниот буџет.

– Јас не сум директор на МЕПСО или ЕСМ, па да спроведувам тендери и да оштетувам буџет на државата, јас сум судија и не располагам со државен капитал. За да ме товари Обвинителството, треба да докаже прво злоупотреба на службата и потекло на парите. Ова дело по кое сум обвинет е економско дело, не е класично примање поткуп. Согласно со Уставот, обврска да докажуваат имот имаат службени лица, обичниот граѓанин (мислејќи на својот татко) не може да биде „теретен“ за сопствените пари и да дава отчет на обвинителство – кажа Ристов.

Одбраната ќе докажува дека парите се на родителите, од продажба на земјиште. Нарачано е вештачење на ДНК од трагите и ракописот на обележаните фолии во кои биле завиткани еврата.

– Ѕидовите зборуваат, а доказите молчат, такво е ова обвинение. Ќе одговориме на холивудскиот наратив на Обвинителството и на неговиот неиздржан филм, користејќи го емотивниот нартив на јавноста. Мојот клиент, кој професионално си ја извршува работата, беше осуден во јавноста уште пред да почне судењето. Најдени се пари во ѕид на туѓа куќа и не постои доказ кој го поврзува со неговата функција. Ќе докажеме со документи дека неговите родители легално го стекнале овој имот. Второто дело, перење пари, е чист сензационализам и претпоставки – рече во воведниот збор адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.

Истражителите два пати вршеле претрес во семејната куќа  во Неготино, бидејќи првично не успеале да ги пронајдат паричните средства за кои располагале со оперативни сознанија. Скривалиштето било откриено на 18 јануари, кога при проверка на кујната, забележале различен звук при тропањето по ѕидот и неправилно залепена плочка. Со помош на специјална светлечка опрема, парите ги издал одблесокот од алуминиумската фолија. Во тајно заѕидан простор во ѕидот на кујната биле пронајдени 350.000 евра во готовина, спакувани во 13 одделни пакувања. Станува збор за 610 банкноти од по 500 евра и 225 банкноти од по 200 евра, при што дел од пакетите биле обележани со рачно испишани износи. Според обвинението, откривањето на парите следувало откако претходно бил уапсен адвокатот Фехмо Стафа при примање 50.000 евра, за кои, според наводите од истрагата, изјавил дека биле наменети за Ристов. Обвинителството го товари Ристов дека од февруари 2020 година, во својство на судија во Апелациониот суд Скопје, не ја пријавувал вистинската имотна состојба и давал неточни податоци за својот имот и за имотот на членовите на семејството. Според обвинението, тој не пријавил имот чија вредност значително ги надминува неговите законски приходи, со што го сторил кривичното дело противправно стекнување и прикривање имот. Обвинителката во текот на истрагата обезбедила докази, кои, според обвинението, ги потврдуваат сопственоста и располагањето со пронајдените парични средства. Воедно, начинот на кој биле скриени парите, како и доказите за располагање со имотот во периодот од 2020 година до денес, упатува и на сомнежи за сторено кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело. Судењето продолжува на 10 јуни со изведување материјални докази на Обвинителството. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ