Во сопствен дом живеат дури 92,7 % од домаќинствата во Македонија, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, што ја позиционира земјата меѓу оние со највисок удел на сопственичко домување во Европа. За споредба, во Европската Унија сопствен дом имаат 68 % од населението, додека 32 % живеат под кирија, објави „Евростат“.
Според Статистичкиот годишник на ДЗС за 2025 година, само 1,2 % од македонските домаќинства изнајмуваат цел приватен стан, 0,5 % користат дел од приватен стан, а 0,3 % живеат во државен стан. Дополнителни 5,1 % живеат кај родители, деца или други роднини.
Податоците на „Евростат“ за 2024 година покажуваат дека 87 % од населението во Македонија живеело во сопствен дом. Разликата во однос на податокот на ДЗС произлегува од различната методологија, односно едниот показател го мери уделот на домаќинствата, а другиот на населението.
На ниво на ЕУ, најголем процент на сопственици има Словачка, каде што 94 % од населението живее во сопствено живеалиште. Германија е единствената земја членка во која мнозинството живее под кирија, а сопствен дом имаат само 47 % од жителите.
Сепак, сопственоста не значи дека домувањето е евтино. Домаќинствата во ЕУ во 2025 година во просек издвојувале 18,9 % од расположливиот доход за домување. Најголем товар имале домаќинствата во Грција, со 34,6 %, а најмал во Кипар, со 10,9 %. Дополнително, 8,8 % од населението во ЕУ не можело финансиски да си дозволи соодветно загревање на домот, додека 16,9 % живееле во пренаселени станови.
Во Македонија, пак, според Државниот завод за статистика, во текот на минатата година биле завршени 3.733 станови со вкупна корисна површина од 280.644 квадратни метри. Просечната површина на завршените станови изнесувала 75,2 квадратни метри.












