Премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница ги отфрли критиките на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, за лошата економска состојба во државата, оценувајќи дека економските показатели ги демантираат обвинувањата на опозицијата. Одговарајќи на пратеничко прашање, Мицкоски посочи дека Владата, во изминатите две и пол години, постигнала резултати и покрај, како што рече, лошата почетна основа што ја наследила од претходната власт.

Тој посебно се осврна на цените на горивата, тврдејќи дека Македонија со месеци успева да одржува пониска цена на дизелот во споредба со многу поразвиени европски земји.

– Каде и да одиме, вклучително и вчера во Брисел, сите прашуваат како успеваме да бидеме од 30 до 50 центи по литар поевтини од нив за дизел-горивата и како успеваме тоа да го одржиме со месеци. Буквално сите прашуваат, многу поразвиени земји од нашата – истакна Мицкоски.

Во однос на економскиот раст, премиерот посочи дека реалниот раст на БДП во 2024 и во 2025 година изнесувал по 3,8 %, додека просекот во првата половина од 2026 година изнесувал 3,7 %. Притоа, го издвои вториот квартал, во кој, според него, реалниот економски раст достигнал 4,3 %, а номиналниот бил меѓу седум и осум проценти.

Мицкоски се осврна и на бруто-домашниот производ, нагласувајќи дека владината цел од 20 милијарди долари, предвидена за крајот на мандатот, била достигната уште во 2025 година.

– Оваа година ќе отидеме над 21 милијарда долари, односно околу 21,2 до 21,3 милијарди долари БДП во номинална вредност – рече премиерот.

Тој додаде дека БДП по глава на жител според куповната моќ во 2025 година надминал 32 илјади долари, а изразен номинално изнесувал околу 12 илјади долари. Мицкоски порача дека економските бројки се најдобриот показател за успешноста на владините политики.

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ