Општина Кисела Вода финансиски ќе ги поддржи граѓаните за поправка и санација на постојните лифтови, како и за поставување нови лифтови во зградите на своја територија. За таа цел се распишани два јавни повика.
За санација и поправка на постојните лифтови во зградите, поддршката ќе изнесува до 30 % од вкупната вредност на санацијата, но не повеќе од 200.000 денари за влез, а вкупниот буџет за оваа мерка изнесува 600.000 денари.
Финансиската поддршка за поставување нови лифтови во зградите ќе изнесува до 50 % од вкупната вредност на проектот, но не повеќе од 500.000 денари за влез. За 2025 година, за оваа мерка се предвидени 2.000.000 денари.
За двата повика, право на учество имаат сите влезови поединечно што имаат регистрирана заедница на сопственици или избрано правно лице – управител, согласно со Законот за домување.
Барањата ќе се разгледуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, сè до исцрпување на предвидените средства.
– Се работи за мерки што значат директна грижа за населението. Се среќаваме со мајки што секојдневно ги носат бебето и количката по неколку ката, со пензионери што ретко излегуваат затоа што немаат како да се симнат, со лица со попреченост што живеат во изолација поради нефункционалните лифтови. Тоа е реалноста што сакаме да ја смениме. Преземаме конкретни мерки, решаваме системски, вложуваме онаму каде што другите со децении не ни погледнале – истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.