Забраната за употреба на водата за пиење од градскиот водовод во Струга е укината, информираа од јавното претпријатие „Водовод и канализација“. Информацијата ја потврди и Општина Струга.
Одлуката, како што се наведува, е донесена врз основа на анализите на примероците од водата од изворот „Шум“ направени во последните денови.
– Според најновите анализи на Центарот за јавно здравје – Охрид, извршени на примероци од водата во водоводниот систем на градот, водата во Струга е безбедна за пиење“ – соопштија од Општина Струга.
Последните анализина Центарот за јавно здравје – Охрид покажуваат дека матноста е во дозволените граници – 1,11 на извориштето и околу 0,80 во градската мрежа, додека максимално дозволената вредност е 1,5.
Надлежните информираат дека ќе продолжат со секојдневно земање мостри, поради можност од варирање на вредностите.
Водата од градскиот водовод, од кој се снабдуваат Струга и околните села, беше забранета за употреба речиси еден месец поради зголемена матност на водата од изворот „Шум“.












