„Доколку можете да замавнете со ова „магично“ стапче и да решите три проблеми во Струга, кои би биле тие?“, беше главното прашање што им го поставија младите активисти од Либералниот институт Скопје, во неделата, на граѓаните што ги затекоа во центарот на Струга.
– Инспирирани од локалните проблеми со кои секојдневно се соочуваат граѓаните, ја организиравме оваа акција за на еден креативен и невообичаен начин да им пристапиме на граѓаните и да ги охрабриме да зборуваат за своите проблеми. Преку неодамна спроведената граѓанска акција, добивме јасна слика за предизвиците со кои секојдневно се соочуваат жителите на Струга – велат од Либералниот институт Скопје.
Проблемите се класифицирани во неколку клучни категории: најзагрижувачки се оние поврзани со животната средина – од депонии, загадување на Охридското Езеро и палење трска до уништување на природниот екосистем, нечиста река, лоша канализација и слабо осветлување покрај крајбрежјето.
Во делот на инфраструктурата и на урбанизмот, граѓаните укажуваат на дивоградби, дупки на улиците, неуредени шеталишта и на хроничен недостиг на паркинг.
– Сообраќајниот хаос, особено во текот на туристичката сезона, дополнително се влошува од слабата култура на учесниците во сообраќајот и недостигот на јавен паркинг. Во категоријата општествени проблеми, беа посочени бездомните кучиња, социјалната несигурност, ниските плати и недовербата во институциите. Постои особена загриженост и за младинскиот живот и за културата, каде што младите се чувствуваат маргинализирани поради недостигот на културни настани, забавни содржини и работни места, па сè повеќе од нив се одлучуваат да го напуштат градот. На крајот, институционалната нефункционалност и чувството на запоставеност од страна на локалната власт предизвикуваат револт, недоверба и протесно расположение меѓу граѓаните. Овие наоди не само што укажуваат на потребата од итни интервенции туку и ги повикуваат надлежните институции на одговорност и акција – велат од Либералниот институт Скопје.
И додека „магичното“ стапче остана симболично, желбите на стружани не се научна фантастика. Напротив, тие бараат чиста средина, функционална инфраструктура и подобар квалитет на животот. Крајниот заклучок е дека не ни требаат магионичари и волшебни стапчиња, туку одговорни институции, малку урбанистичка магија и, зошто да не, барем еден функционален паркинг повеќе.
– Кога веќе не можеме да обезбедиме културен бум и економски процут, барем да почнеме со функционални светла покрај езерото и со некое ново катче за култура и за забава на младите. До следната „магија“, Струга чека, но овој пат со помалку трпение и со малку повеќе глас – потенцираат од Либералниот институт Скопје.