Парична казна од сто дневни глоби или околу 10.000 евра во денарска противвредност му е изречена денеска на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од страна на Основниот суд во Струга. Тој е прогласен за виновен во случајот во кој што беше обвинет за „несовесно работење во службата“ при назначувањето на неколку директори на основните училишта на подрачјето на струшката општина. Се работи за нерегуларности при назначувањето вршители на должност директори во општинските основни училишта во Лабуништа, Радолишта и Подгорци.
Образложувајќи ја пресудата, судијата Јордан Јованов нагласи дека Мерко постапил спротивно на Законот за основно образование, а што претходно го констатирал Државниот просветен инспекторат. Вршителите на должност директори не биле избрани од редот на вработените, без објавен оглас и без потребното искуство од пет години. Во случајот станува збор за повеќекратни незаконски назначувања, а едно лице било поставувано дури шест пати едноподруго без посебно одобрение.
При одредувањето на казната, судијата ги земал предвид олеснителните околности, особено тоа што Мерко нема претходни осуди. Судот ги земал предвид недостигот на кадри и потребата да се обезбедат плати за вработените.
Обвинителството најави жалба на пресудата.