четврток, септември 17, 2026
Дома СКОПСКА Street Food Picnic по вторпат во Центар

Street Food Picnic по вторпат во Центар

23

Паркот на Франкофонија од утре до 20 септември ќе биде домаќин на второто издание на Street Food Picnic, тридневен настан кој ќе понуди добра храна, музика и содржини за целото семејство.

-Овогодинешното издание е посветено на семејното дружење и заедничкото поминување време на отворено. Во опуштена пикник атмосфера, посетителите ќе можат да уживаат во разновидна гастрономска понуда, музичка програма и детски работилници со игра и креативни активности – информираат од Општина Центар.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги покани граѓаните да бидат дел од тридневното дружење во Паркот на Франкофонија.

– Идејата е едноставна – да излеземе од дома, да се собереме во парк, да каснеме нешто вкусно, да слушаме добра музика, а децата да имаат свои активности и забава – нагласи Герасимовски и ги повика сите, со семејствата и пријателите, да се придружат на забавата.

За гастрономскиот дел ќе се погрижат девет изложувачи, со избор на солени и слатки специјалитети.

Богата програма е предвидена и за љубителите на музиката. В петок ќе настапат Големата вода и Васо, в сабота, Shurbe, Day Off и Flooder, додека в недела, музичката програма ќе ја заокружат Dimish, Trio Zigot и Machki.

Посебен дел од програмата е наменет за најмладите, кои во текот на викендот ќе можат да учествуваат во детски работилници, да се забавуваат и да поминат квалитетно време на отворено.

Street Food Picnic 2 се одржува со поддршка на Општина Центар, а настанот е отворен за сите посетители.

В петок програмата започнува во 17:00 часот и ќе трае до полноќ, додека в сабота и в недела започнува во 12:00 часот и ќе трае до полноќ.

ИЗДВОЕНИ