Македонија ја гради пругата кон Бугарија, но влегува и во нов циклус на крупна железничка инвестиција со амбиција земјава да стане регионален транспортен јазол меѓу Централна Европа и Јужен Балкан. Најавениот проект за брза пруга од Табановце до Гевгелија и изградбата на пругата кон Бугарија отворија јавна и стручна дебата околу нивната економска оправданост, финансиската одржливост и реалната исплатливост.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, зборувајќи за изградбата на брза железница на Коридорот 10, од границата со Србија до границата со Грција, по која би се движеле возовите со брзина до 200 километри на час, истакна дека станува збор за стратешки проект што треба да ѝ донесе ново геостратешко значење на државата и да ја позиционира како клучна врска на релација Атина – Будимпешта.
– Ова е повеќе од економски проект. Македонија ќе стане важна алка во европските транспортни коридори – изјави Николоски, посочувајќи дека проектот се развива во партнерство со Велика Британија и со поддршка на меѓународни компании, кои подготвуваат студии и анализи.
Според првичните процени, патувањето од Скопје до Атина би траело околу пет часа, а дел од каргосообраќајот би можел да профункционира веќе во периодот 2028–2029 година. Целосното пуштање на патничкиот сообраќај се очекува до 2031 година. Паралелно, државата најавува набавка на нови возови, локомотиви и обука на кадар за современите железнички системи.
Додека Владата гледа историска можност за модернизација и економски развој, критичарите предупредуваат дека без јасна финансиска конструкција, регионална синхронизација и детални анализи за исплатливост, дел од проектите би можеле да станат долгорочен товар за државата и за граѓаните.
Универзитетскиот професор Дејан Трајковски остро реагира на плановите за железничката инфраструктура, особено за Коридорот 8 кон Бугарија, оценувајќи дека државата ризикува да инвестира огромни средства во проекти со неизвесна функционалност. Според него, Македонија гради комплетно нова железничка траса до бугарската граница, додека на бугарска страна нема јасен и обврзувачки план за модернизација на остатокот од коридорот.
Трајковски тврди дека досега е формализирана само изградбата на прекуграничниот тунел кај Деве Баир, но не и целосната реконструкција на железничката линија кон Софија. Тој предупредува дека без модерна и електрифицирана инфраструктура на бугарска страна, новата македонска пруга би можела да заврши како „инвестиција во ќор-сокак“.
Професорот проценува дека вкупната вредност на железничките проекти може да достигне повеќе милијарди евра, што, според него, ќе создаде сериозен притисок врз јавните финансии и ќе го зголеми долгорочниот долг на државата.
Дополнително, тој смета дека Владата во моментов дава приоритет на скапи инфраструктурни проекти, додека енергетскиот сектор се соочува со сериозни предизвици и со недостиг на домашни производствени капацитети.
Инаку, Николоски вели дека повеќе од 74 % од средствата за капитални инвестиции во Министерството за транспорт се веќе реализирани уште на почетокот од годината.
– Подготвени сме наменски да реализираме дополнителни 40 милиони евра, секако доколку може да се обезбедат тие средства со ребалансот на буџетот – нагласува Николоски.
(С. Бл.)












