Полициската управа на Вировитица-Подравина, потврди декана 8 септември, околу 22 часот, во Слатина се случило тешко убиство на жена. Врз основа на досега собраните информации, полицијата наведува дека маж ја убил жената со употреба на остар предмет.
Осомничениот бил пронајден на местото на настанот; тој веднаш бил уапсен и задржан во притвор заради кривична истрага.
Од полицијата информираат дека во тек е увид на лице место, предводен од дежурниот заменик-обвинител од Окружното државно обвинителство во Бјеловар, во соработка со службеници од Полициската управа на Вировитица-Подравина. Дополнителни детали за случајот ќе бидат соопштени откако ќе заврши тековната кривична истрага.
Според неофицијални информации, трагедијата се случила за време на прославата на роденденот на едно од децата на убиената жена, пренесуваат хрватските медиуми.
Познаници и членови на семејството на убиената мајка на шест деца од Слатина – чиј сопруг е осомничен за убиството – изјавија за хрватски „Индекс“ дека, пред трагедијата, жената постојано предупредувала на опасноста и барала помош од институциите.
Тие велат дека со месеци зборувала оти стравува за себе и за своите деца и дека може да се случи нешто сериозно.
„Таа бараше помош; велеше дека работите не се во ред и дека ќе се случи нешто страшно. Еден член на семејството отиде со неа за да побара тој да биде испратен на лекување, бидејќи сметаа дека постои проблем“, раскажа еден познаник.
Според него, жената побарала помош непосредно пред убиството. Познаникот наведува дека еден час пред злосторството, таа ја повикала полицијата, рекла дека се плаши, објаснила дека се сами со него и побарала од нив да дојдат и да го одведат бидејќи бил пијан и насилен. „Не излегоа на терен“, вели познаникот, додавајќи дека соседите повикале помош откако ги слушнале врисоците на децата, но тогаш веќе било доцна.
Според неофицијални информации, трагедијата се случила за време на прославата на роденденот на едно од децата на убиената жена. Нејзините блиски упатуваат критики кон институциите за социјална заштита: „Истиот тој систем кој со месеци претходно ја обвинуваше дека драматизира и преувеличува – инсистирајќи дека децата мора да имаат контакт со таткото и дека таа мора да комуницира со него – на крајот им ги одзеде истите тие деца од нејзиното мртво тело и ги смести во згрижувачко семејство.“ „За ова е одговорен целиот систем. Која е поентата на внатрешната проверка сега – само за повторно да кажат дека немало процедурални пропусти и да утврдат кој пропуштил да направи посета на терен? Неа ја нема“, додаде познаник на семејството.
Полицијата го пронајде осомничениот на местото на убиството во вторникот околу 22 часот, го уапси и го задржа во притвор заради кривична истрага. Тој е осомничен дека ја убил жената со остар предмет. Денес, тој му беше предаден на надзорникот на притворот. Во средата, генералниот директор на полицијата, Никола Милина, нареди вонредна проверка во полициската станица во Слатина за да се утврдат околностите што довеле до фемицидот.
Во станицата беше испратен специјализиран тим за да испита како полицијата постапувала со жртвата и со осомничениот – вклучително и настаните од јули, кога 40-годишниот маж се соочил и со прекршочни и со кривични пријави, како и пријавата поднесена непосредно пред извршувањето на злосторството. Министерот за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, во четвртокот изјави дека резултатите од проверката треба да бидат познати во рок од „еден – два дена“.












