Бродските компании во Европа, Азија и Блискиот Исток се обидуваат да ги разберат условите на прекинот на огнот постигнат меѓу САД и Иран и ги ставија своите бродови во состојба на готовност, пишува Блумберг, додавајќи дека повеќе од 800 танкери се уште се „заробени“ во Персискиот Залив, бидејќи Ормутскиот теснец, под строга иранска контрола, е затворен за непречен комерцијален бродски сообраќај од крајот на февруари.
Иран тврди дека се согласил на две недели безбеден премин во координација со своите вооружени сили и во рамките на „техничките ограничувања“, додека американскиот претседател Доналд Трамп најави „целосно, итно и безбедно отворање“.
Портпаролот на AP Moller-Maersk A/S изјави дека примирјето може да создаде можности за транзит, но сè уште не обезбедува целосна поморска безбедност и дека сопствениците на бродови треба да ги разберат сите потенцијални услови.
Сопствениците на бродови се обидуваат да ги разработат деталите од примирјето, кое би можело привремено да го деблокира теснецот и, барем теоретски, да им овозможи на повеќе од 800 бродови заглавени во Персискиот Залив да заминат.
Бродовите што носат енергенси сочинуваат голем дел од флотата заглавена во Заливот, според податоците од разузнавачката фирма Kpler – во моментов има 426 танкери што носат сурова нафта и чисти горива, плус 34 бродови за течен нафтен гас (LPG) и 19 бродови за течен природен гас (LNG), а останатите носат сува стока како што се земјоделски или метални производи или контејнери.
Важниот пловен пат е практично затворен откако нападите на САД и Израел кон крајот на февруари го натераа Иран да ја заостри контролата, предизвикувајќи невидена енергетска криза.
Сепак, клучните детали од договорот остануваат неизвесни.
„Нипон Јусен Кабушики Каиша“, со седиште во Токио, една од најголемите светски компании за превоз, соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата.
Блумберг објави дека утрово бродови од сите видови биле видени групирани од двете страни на Ормутскиот теснец, околу Дубаи во Персискиот Залив и Хор Факан во Оманскиот Залив.
Во изминатите шест недели, сообраќајот низ еден од најпрометните енергетски коридори во светот се намали од околу 135 бродови што минуваа низ теснецот пред конфликтот.












