Општина Маврово и Ростуше почна акција за чистење и уредување на јавните површини во сите населени места.
– По директна насока на градоначалникот, Онер Јакупоски, согласно со програмските определби, општинската механизација и службите се на терен со цел да се опфати секој квадратен метар од територијата на општината – истакна Фикрет Ибраими, одговорен во Секторот за информирање во Општина Маврово и Ростуше.
Тој додаде дека поконкретно, акцијата вклучува расчистување на патиштата и јавните површини, со цел да се обезбеди чиста и здрава животна средина за сите жители.
Општинската механизација работи со полн капацитет, а чистењето се одвива етапно низ сите села во регионот.
– Нашата цел е јасна – чиста општина со која сите ќе се гордееме. Хигиената на јавните простори е наш приоритет, и затоа, во наредните денови, ќе продолжиме со висок интензитет сè додека не се исчисти и последната точка во општината – изјави Јакупоски.
Според Ибраими, освен расчистувањето, се работи и на санирање на ударните дупки на патиштата, со цел побезбеден сообраќај.












