Состојбата со безбедноста при работа во земјава останува сериозно загрижувачка, со 132 несреќи и 31 смртен случај во 2025 година. Податоците покажуваат речиси двојно зголемување на бројот на загинати работници во однос на претходната година и континуиран раст на повредите. Најризични се индустријата и градежништвото, но се бележат несреќи и во други сектори. Дополнителен проблем претставува и големиот број работници во неформалната економија, без основна заштита.

ЦИВИЛ – Центарот за слобода упати апел до институциите, работодавците и до граѓанскиот сектор за итно унапредување на стандардите за заштита на работниците. Оттаму бараат засилен инспекциски надзор, доследна примена на законите и усогласување со европските директиви, особено во делот на психосоцијалните ризици. – Безбедноста на работа не е луксуз, туку основно право. Не смее профитот да биде поважен од човечкиот живот – порачуваат од организацијата

 

Во текот на 2025 година, во земјава биле евидентирани 132 несреќи при работа, од кои дури 31 завршиле со смртен исход. Овие податоци претставуваат речиси двојно зголемување во однос на 2024 година, кога биле регистрирани 17 смртни случаи. Извештајот на Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР), објавен по повод 28 Април, Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, укажува на сериозно влошување на состојбата.

Наместо напредок, трендот покажува континуиран раст на несреќите. Во 2023 година биле регистрирани 108 несреќи, а веќе во 2024 бројот се искачил на 133. Паралелно расте и бројот на тешки повреди – од 93 во 2023 на 116 во 2024 година. Овие бројки, според МЗЗПР, се јасен сигнал дека системски се продлабочуваат ризиците на работните места.

Најголем број од несреќите во 2025 година се случиле во преработувачката индустрија (33 случаи), по што следуваат градежништвото (15), јавната управа и одбраната (12), како и дејностите на домаќинствата (11). Податоците покажуваат дека не е ограничен ризикот само на традиционално опасните сектори туку дека веќе е широко распространет низ економијата.

Дополнително загрижуваат и стапките: смртноста на 100.000 работници се зголемила од 2,16 во 2023 на 2,45 во 2024 година, додека стапката на повреди пораснала од 13,42 на 16,76. Трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ дополнително ја обележа годината, отворајќи прашања за непочитувањето на безбедносните прописи и слабиот инспекциски надзор.

Од Здружението потенцираат дека може да се спречи секоја несреќа со соодветна обука, планирање и контрола, нагласувајќи дека безбедноста на работниците не е избор, туку обврска. Особено ранлива категорија се работниците на возраст од 45 до 60 години, кои најчесто се жртви во несреќи. Веднаш зад нив се лицата од 35 до 44 години. Иако младите почесто се повредуваат поради неискуството, кај повозрасните последиците се многу посериозни и почесто завршуваат со фатален исход.

Психосоцијалните ризици – нова, тивка закана за работниците

Светскиот ден за безбедност и здравје при работа годинава се одбележува под темата „Обезбедување здрава психосоцијална работна средина“, што ја покажува новата реалност на пазарот на трудот. Најновите податоци покажуваат дека „невидливите“ ризици стануваат водечка причина за смртност и за инвалидитет кај работната сила.

Според глобалните процени, годишно умираат повеќе од 840.000 луѓе од здравствени состојби поврзани со психосоцијалните ризици, како што се кардиоваскуларните заболувања, мозочните удари и менталното нарушување. Причините вклучуваат прекумерна работа, несигурност на работното место, мобинг и нарушена рамнотежа меѓу приватниот и професионалниот живот.

Во Македонија, состојбата останува критична. Освен 31 жртва и 132 несреќи во 2025 година, дури 94.847 лица работат во неформалната економија, без соодветна заштита. Во петгодишниот период од 2021 до 2025 година, најмалку 161 работник го загубил животот на работното место.

Во регионален контекст, Западен Балкан се соочува со сериозни предизвици: економскиот раст не е проследен со подобрување на условите за работа. Истовремено, во Европската Унија се воведуваат нови регулативи за ограничување на психолошкиот притисок од дигиталниот надзор и алгоритамското управување.

Профитот не вреди колку животот – итни реформи и заштита на работниците

По овој повод, ЦИВИЛ – Центарот за слобода упати апел до институциите, работодавците и до граѓанскиот сектор за итно унапредување на стандардите за заштита на работниците. Од организацијата нагласуваат дека работничките права се суштински дел од човековите права и дека нема функционална демократија во општество каде што е изложен работникот на страв и на несигурност. Покрај традиционалните ризици, тие предупредуваат за нови закани како што се прегорувањето (burnout), алгоритамското управување и мобингот.

Податоците, според нив, се алармантни – 31 загинат работник и над 94.000 лица без формална заштита јасно укажуваат дека безбедносните стандарди често остануваат само на хартија. ЦИВИЛ бара засилен инспекциски надзор, доследна примена на законите и усогласување со европските директиви, особено во делот на психосоцијалните ризици.

– Безбедноста на работа не е луксуз, туку основно право. Не смее профитот да биде поважен од човечкиот живот – порачуваат од организацијата, додавајќи дека ќе продолжат да се борат за достоинствени услови за работа и за заштита на секој работник.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ