Сметководствената професија треба да е во чекор со глобалните трендови и да направиме да биде интересна за младите. Денес сметководството не е само работа со бројки туку и професија што гради доверба и интегритет. Како таква, таа е многу важна и има големо влијание на деловните одлуки на компаниите. Ова на брифингот со новинарите го истакна претседателката на ИСОС – Институтот на сметководители и овластени сметководители, Весна Прентоска, најавувајќи ја третата регионална конференција на сметководители и овластени сметководители, под мотото: „Генерација со визија – професија со иднина“, која ќе се одржи на 6 мај, во Скопје.

Фокусот на конференцијата ќе биде ставен на трансформацијата на професијата во услови на засилена дигитализација, нови регулаторни барања и зголемена потреба од доверба и транспарентност. Акцентот ќе биде ставен на улогата на младите, како двигатели на идните промени во професијата. Една од новините на овој регионален собир ќе биде и саемот за дигитализација, наменет за презентација на современите софтверски решенија и алатки за унапредување на сметководствената професија.

– Третата регионална конференција е логично продолжение на нашата стратешка определба да ја развиваме професијата во чекор со глобалните трендови, но и да ја направиме поатрактивна за младите. Токму затоа оваа година го ставаме фокусот на новите генерации, на технологијата и на иднината на професијата – изјави Прентоска.

Во рамките на конференцијата ќе биде презентиран и студентскиот проект, видеопоткастот „Повеќе од само бројки“, иницијатива што произлезе од претходното издание на конференцијата и има цел да ја доближи професијата до младите.

– Целта на поткастот е да го прикаже сметководството од поинаква перспектива, како динамична и современа професија. Преку разговори со практичари и со експерти, сакаме да ги разбиеме стереотипите и да покажеме дека оваа професија нуди стабилност, развој и реални кариерни можности – истакна Моника Митреска, координаторка на студентскиот проект.

Сметководствената професија граби со крупни чекори напред. Ако до пред десетина години се избегнуваше да се работи во овој сектор поради ниските плати, Прентоска вели дека ситуацијата сега е поинаква. Почетните плати се движат од 40 до 45 илјади денари, додека сметководител со големо искуство во компанија може да има и месечно примање и над 90 илјади денари.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ