недела, август 16, 2026
Дома КУЛТУРА Сто и петнаесет автори од светот конкурирале за наградата „Антево перо“ во...

Сто и петнаесет автори од светот конкурирале за наградата „Антево перо“ во годината кога се одбележуваат 95 години од раѓањето на Анте Поповски

9

Сто и петнаесет збирки и автори од Македонија и од светот се пријавиле на конкурсот за доделување на наградата „Антево перо“, во годината кога се одбележуваат 95 години од раѓањето на Поповски и по деветти пат се организира меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.

– Ваков неверојатен интерес кај творците на поетската реч не се памети досега на ниту еден друг конкурс за поезија кај нас. Среќни сме што делото на Анте Поповски е силен мотив за поетско творештво кај поетите од неговата Македонија и Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски упатува огромна благодарност до сите што ја споделија со нас својата поетска збирка. Упатуваме голема благодарност и до авторите од Турција, Германија, Шведска, Србија, Норвешка, Белгија, Црна Гора, Полска, Велика Британија, САД и од Хрватска, кои, исто така, учествуваа на конкурсот. Трендот што почна минатите години и за што Здружението особено се гордее е тоа што наградата „Антево перо“ и името и творештвото на Анте Поповски и оваа година беа вистински магнет да учествуваат и автори од други етнички заедници – соопшти организаторот.

За пристигнатите 115 стихозбирки посочува дека се одликуваат „со оригиналност и со креативност во поетскиот израз, а некои од нив, со своите хибридност и експерименталност, повторно покажуваат дека поезијата е уметнички медиум што креира посебни литературни светови кои не познаваат граници“.

Жири-комисијата за доделување на наградата „Антево перо“, во состав: проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Виолета Танчева Златева (членови), ги разгледала сите стихозбирки, кои оваа година пристигнале во рекорден број, и на првата средба избрала 20 поетски книги во поширокиот избор: Ерол Туфан – „Недовшени песни“; Белинда Сипкоска-Гаштарова – „Домот ми е полн со небо“; Емељ Туна – „Анатомија на бршленот“; Шифра: Змијско грозје – „Женска дивина – машко техне“; Лидија Размоска-Тримовска – „Патот до Огнена“; Јулијана Младеновска-Тешија – „Чекркот“; Наташа Лазарева – „Живот во три здивови“; Сефер Рамиз-Рамче – „Крвави солзи“; Александар Спасовски – „Пловидба“; Пајо Авировиќ – „Ние двајцата“; Александар Русјаков – „Дегустација на жената“; Деспина Сиљаноска – „Оракулиум“; Софија Грандаковска – „Архивски песни“; Милош Соколиќ – „Име во идно време“; Маја Мојсова – „Ајта“; Даниела Андоновска-Трајковска – „Ако не се отвори фиоката, мачката ќе биде жива“; Маику – 7/8 слобода; Ивана Брезовец – „Булките над градот“; Слаѓана Ставрева – „Ткајачки на светови“ и шифра: Допри го ветрот – „Изида од алабастер“.

Во поширок избор за наградата „Антев часовник“, пак, која се доделува на млад автор за поетско творештво на македонски јазик со забележителни поетски квалитети, жири-комисијата издвои седум збирки поезија, и тоа: Лиле Стефановска – „Здивот на твоето отсуство“; Дарија Јовановска – „Протекување“; Бојан Димовски – „Гареж од метафори“; Ива Додевска – „Координати на притајот“; Васја Мицковски – „Патот дома“; Марија Велинова – „Штрингла“ и Дарија Трендафиловска – „Параферналија“.

ИЗДВОЕНИ